На 24 јуни 2024 година, на официјалниот сајт на бугарското национално радио беше објавен разговор со Видинскиот митрополит Даниил (од Бугарската православна црква). На почетокот од разговорот, тој се осврнува на големиот празник Педесетница, кој Црквата го прослави минатава недела. При тоа, тој истакна дека „без благодатта на Светиот Дух, светите тајни на Црквата се незамисливи, бидејќи тие се извршуваат единствено и само преку Него. Затоа дарот на Педесетница станува смисла и содржина на христијанскиот живот, во кој се пројавуваат љубовта и грижата кон човекот. Со верата се менува човечкиот живот, а тоа е најголемото сведоштво за вистинитоста на Христовото учење“ – нагласи Митрополитот Даниил.
Во продолжение, тој се осврна на гонењата против Црквата, кои траат од почетокот до денес. Митрополитот нагласува дека гонењата против Црквата никогаш не престанале, туку започнале од Христовото раѓање, што значи од самиот почеток, па траат сѐ до нашево време. Во сите тие времиња на прогонства и страдања, христијаните не се плашеле од смртта, бидејќи знаеле што добиле преку даровите на Светиот Дух. Митрополитот Даниил дава еден пример, потсетувајќи на страшните прогонства врз православните христијани во времето на иконоборството (8-9 век). Исто така, тој го наведува и примерот со страшните прогонства врз христијаните и нивните страдања во периодот по болшевичката револуција во поранешниот Советски Сојуз.
„Во првите години по болшевичката револуција, гонењата против Црквата во поранешниот Советски Сојуз се ужасни. Можеби тие се најжестоките и најмасовни гонења во целата историја на Црквата: убивање свештеници, уривање на стотици и илјадници храмови, обид за замена на самата институција преку обновленски раскол“ – нагласува Видинскиот митрополит.
„Денес во Украина се случува нешто слично. Сега тој обид за замена е преку создавањето на т.н. Православна црква во Украина од страна на Цариградскиот патријарх Вартоломеј, во 2019 година, во ситуација кога во Украина постои општопризната канонска Црква: Украинската православна црква, чиј претстоител е Киевскиот митрополит Онуфриј. Оваа неканонска постапка од страна на Патријархот Вартоломеј доведе до уште поголема поделба во Украина. Бројот православните христијани во Украинската православна црква (УПЦ), чиј претстоител е Митрополитот Онуфриј, ги надминува оние кои се вбројуваат во новосоздадената црковна структура. Свештенството на таа структура, практично, има проблеми со апостолското преемство. Меѓу нив има такви, кои се ракополагани од цивили, односно таму недостасува преемството на апостолската благодат. Таму има расчинети и одлачени поради основани канонски причини, кои се, незаконски и без покајание, примени и вратени во чин. И покрај тоа, Патријархот Вартоломеј се обиде да им даде легитимитет, преку издавањето на т.н. Томос-документ за основање на таа неканонска структура. Две, до тој момент, неканонски структури, тој ги обедини во т.н. Православна црква во Украина – ПЦУ, и новосоздадениот ентитет го призна како канонска црква во Украина. Меѓутоа, прашуваме: каква е судбината на општопризнатата (во тој момент пред пет години, па до денес) од сите православни цркви УПЦ, чиј претстоител е Митрополитот Онуфриј? Ете, поминаа пет години, а тие структури не ги признаваат и Цркви, кои се гркојазични, како Албанската, или се блиски до Цариградската патријаршија, како Ерусалимската и Антиохиската патријаршија“ – објаснува Митрополитот Даниил.
Потоа, тој потсетува на писмото од Албанскиот Архиепископ Анастасиј, во кое тврди дека е неприфатливо издавањето на тој Томос на непокајани расколнички групи со проблематично свештенство. „Патријархот Вартоломеј беше убеден дека на тој начин милиони православни христијани, кои се лишени од општење со Црквата, ќе се присоединат кон неа. И наместо да завладее мир, како што претпоставуваше, тој разгори уште една пожестока поделба, во која буквално тие луѓе кои тој ги прогласи за канонски, започнаа да ја гонат канонската Црква. Одземаат храмови, тепаат свештеници и убиваат. Тоа ли се христијани? Тоа е апсурд, но поделбата е факт“ – нагласува Видинскиот архијереј.
Според неговите зборови, поделбата не е само во Украина, туку е и меѓу православните Цркви. Постојат митрополити, кои не ја признаваат таа структура, но има и такви кои ја признаваат. Освен тоа, во Томосот е напишано дека православната црква во Украина го признава Цариградскиот Патријарх за своја глава, како што го признаваат сите останати православни Цркви. А во однос на тоа прашање, православното учење е сосема јасно дека глава на Вселенската Црква е самиот Исус Христос.
„А токму затоа што животот на православниот христијанин се состои од искушенија, ние треба да се држиме за здравото учење. Тие правила категорички забрануваат претстоител на туѓа Црква да се меша во работите на друга автокефална Црква“ – потенцира Митрополитот Даниил.