Неговото Високопреосвештенство митрополит Исак на Германија и Централна Европа од Антиохиската Патријаршија објави изјава со повик до верните да се молат за Неговото Високопреосвештенство митрополит Арсениј Свјатогорски, прогонуваниот архијереј на Украинската Православна Црква, кој и понатаму се наоѓа во притвор пред судење во Украина.
Митрополит Арсениј неодамна беше осуден на уште 60 дена притвор, откако беше пуштен на слобода помалку од еден ден, по една и пол година помината во затвор. Тој се соочува со обвиненија поврзани со изјави во кои тој наводно ја негирал вооружената агресија на Русија и ја обвинил украинската армија за предизвикување жртви и штети на црковен имот.
За време на неодамнешното судско рочиште, 71-годишниот митрополит доживеа хипертензивна криза, со притисок кој достигна 200 со 110, и беше однесен со возило на брза помош. Потоа беше пуштен од болницата како да е здрав, откако, според известувањата на украинските медиуми, лекарот бил заплашен со отпуштање ако го задржи митрополитот Арсениј на лекување.
Во својата изјава, митрополит Исак ја изрази својата поддршка за својот брат архијереј:
„Со длабока тага ја следам судбината на митрополит Арсениј, мојот брат во епископската служба, кој толку многу години му служеше на својот народ со љубов, смирение и несебична посветеност. Неговиот животен пат, особено во овие тешки времиња на војна, е сјаен пример на вистинска пастирска љубов. Тој остана со својот народ, ги утешуваше страдалниците и им помагаше на оние во потреба.
Искрено Му се молам на Господ да го укрепи митрополит Арсениј, да го исцели телесно и духовно, и да се пројават правдата и милоста во неговиот случај.
Ги повикувам сите што ги слушаат или читаат овие зборови да се обединат со мене во молитва за негово брзо ослободување, за неговото здравје, и за мир во Црквата и во земјата. Нека Самиот Господ внесе светлина во оваа мрачна ситуација и ни дарува храброст да стоиме за вистината и за љубовта Христова.“
Блаженејшиот митрополит Онуфриј Киевски и на цела Украина, заедно со 85 архиереи на Украинската Православна Црква, на 1 ноември му упатија апел на претседателот Зеленски за ослободување на митрополит Арсениј, повикувајќи се на неговата тешка здравствена состојба и на неговата хуманитарна дејност — засолнување на илјадници раселени Украинци и обезбедување храна за повеќе од 5.000 луѓе дневно во Свјатогорската лавра од 2014 година наваму.
Сепак, државата повторно одби да го чуе гласот на Црквата.
