Властите на Ерусалим ги замрзнаа банкарските сметки на Патријаршијата поради спор за даноци

Општината на Ерусалим ги замрзна сите банкарски сметки на Ерусалимската Патријаршија поради неплатени даноци на имот, оставајќи ја црковната институција неспособна да исплати плати на свештенството, наставниците и персоналот.

Замрзнувањето, спроведено во средата, на 6 август, произлегува од долгогодишен спор околу тоа кои црковни имоти се ослободени од општински даноци. Според општината, мерката е преземена затоа што Патријаршијата „не ги подмирила долговите за данок на имот за објекти што не се користат како богослужбени домови“ и ги игнорирала повторените писма со барање за плаќање, пренесува весникот „Тајмс оф Израел“

„Ова беше направено и покрај обидите за дијалог и соработка со нив, и имајќи го предвид нивното игнорирање на писмата од општината со барање за плаќање,“ се наведува во соопштението на Општината на Ерусалим, со додавање дека таа постапила „во согласност со законот“ и со својата „одговорност да презема вакви чекори кога должниците не ги намируваат своите обврски.“

Патријаршијата, предводена од Неговото Блаженство Патријарх Теофил III, не се согласува со оваа карактеризација. Преку групата за заштита на христијаните во Светата Земја, Патријаршијата укажа дека дијалогот бил во тек и дека општината постапила еднострано и покрај уверувањата дека нема да бидат преземени еднострани мерки.

„Како религиозни тела, црквите исполнуваат витални улоги преку одржување образовни, социјални и добротворни институции што му служат на локалното население без разлика дали е христијанско или не,“ се вели во соопштението на Патријаршијата. „Поради ова, историски гледано, црквите никогаш не плаќале општински или државни даноци за црковни имоти, било во времето на османлиска, британска, јорданска или израелска власт.“

Тековниот спор датира од 2018 година, кога Ерусалим одлучи дека даночните ослободувања за црквите важат само за објекти користени „за молитва, за поучување на верата или за потреби што произлегуваат од тоа“ — исклучувајќи комерцијални активности за поклоници како што се хотели или ресторани. Градот започна да бара наплата на десетици милиони шекели заостанати даноци.

Истата година, тогашниот градоначалник Нир Баркат ги замрзна банкарските сметки на Црквата, што предизвика црковните власти да го затворат храмот на Светиот Гроб на три дена во знак на протест. Општината се повлече дури по интервенцијата на премиерот Беџамин Нетанјаху.

Ерусалимската Патријаршија сега соопштува дека не може да исплати плати на своето свештенство, наставници и персонал поради замрзнувањето на сметките. Други цркви се соочуваат со слични спорови, при што судски процес против Ерменската Патријаршија, покренат од Општината на Ерусалим, е закажан за септември.

Извор: https://www.timesofisrael.com/liveblog_entry/jerusalem-freezes-greek-orthodox-patriarchates-bank-accounts-over-tax-dispute/ преку: https://orthochristian.com/171950.html