Прогонот што властите на Украина го вршат против Украинската Православна Црква се проширува со правни забрани. Државните органи ја прогласија Киевската Митрополија на Украинската Православна Црква за организација забранета во Украина.
Државна служба бара прекинување на врските со Руската Црква
Украинската „Државна служба за етнополитика и слобода на совеста“ (ДЕСС) на 17 јули 2025 година до Киевската Митрополија на Украинската Православна Црква упати наредба за отстранување на „знаците на припадност“ на Украинската Православна Црква со Руската Православна Црква. Со оваа наредба се бара:
- Претстоителот на Украинската Православна Црква, Митрополитот Киевски и на цела Украина Онуфриј да достави одлука до највисоките органи на црковната управа за излегување на Украинската Православна Црква од структурата на Руската Православна Црква.
- Истиот да достави одлука до највисоките органи на црковната управа за губење на важност на сите одредби од Статутот на Руската Православна Црква за Украинската Православна Црква
- Истиот да донесе одлука за повлекување на сите свештенослужители, монаси и монахињи на Украинската Православна Црква од органите на Руската Православна Црква: Синод, архијерејски и помесни Собори, Меѓусоборски комисии и други оддели и органи.
- Да донесе одлука за признавање за неважечки на сите одлуки на Руската Православна Црква кои се однесуваат на Украинската Православна Црква.
- Да објави прекин на врските со Руската Православна Црква.
Одговор од Украинската Православна Црква
Претстоителот на Украинската Православна Црква, Митрополитот Онуфриј на 16 август одговори на оваа наредба со опширно писмо, во кое истакнува дека:
- ДЕСС не ги земала предвид измените на Уставот на Украинската Православна Црква донесени на Соборот во 2022 со кои Украинската Православна Црква се прогласи за независна и самостојна во своето управување и дејствување.
- ДЕСС нема државно овластување да истражува црковно-канонски одредби, и со своите барања го прекршува Уставот на Украина, кој гарантира одвоеност на Црквата од државата, како и Законот на Украина „За слобода на совеста и верските организации“.
- ДЕСС нема државно овластување да донесува заклучоци за националната безбедност, туку тоа е во надлежност на други државни органи.
- Наредбата на ДЕСС претставува кршење на меѓународните договори кои Украина ги има ратификувано: „Европската конвенција за човекови права“ и др.
Митрополитот Онуфриј исто така ги наведува и начините на кои Украинската Православна Црква ги помага Вооружените сили на Украина и раселените лица, и објавува дека вкупниот износ на финансиска помош обезбеден од страна на Украинската Православна Црква во периодот на војната надминува 5 милиони евра.
Бидејќи во Наредбата на ДЕСС не е утврдена фактичката состојба, Украинската Православна Црква не може да ги прифати одредбите – заклучува Митрополитот Онуфриј.
Одлука за забрана
По сето ова, на 27 август ДЕСС донесе одлука со која ја прогласи Киевската митрополија на Украинската православна црква за поврзана со Московската Патријаршија. Соодветниот декрет го потпиша раководителот на ДЕСС, Виктор Еленски.
„Со оглед на тоа што не постојат основи за заклучок за отстранување на прекршувањата или за неточноста на издадената наредба… ниту можност за повлекување на наредбата… ДЕСС ја призна Киевската Митрополија на Украинската Православна Црква како поврзана со странска верска организација чија дејност во Украина е забранета“ – се вели во одлуката.
Извор: https://uoc-news.church/2025/08/16/kijivska-mitropoliya-napravila-list-do-dess-shhodo-pitan-derzhavnoji-politiki-po-vidnoshennyu-do-upc/, https://dess.gov.ua/wp-content/uploads/2025/07/Prypys_KM-UPTS-12.pdf и https://dess.gov.ua/wp-content/uploads/2025/08/2025.08.27_Nakaz_Afiliyovanist-KM-UPTS.pdf
