Во Белград – архијерејска Литургија со молебен по повод завршување на школувањето на кадетите

По повод завршувањето на школувањето на кадетите од 144-та и 145-та класа на Воената академија и кадетите од 10-та класа на Медицинскиот факултет на Военомедицинската академија, на 31 август 2024 година, во храмот Свети Сава на Врачар, во Белград беше отслужена света Литургија и молебен од страна на Преосвештениот викарен и воен Епископ Липљански г. Доситеј, со сослужение на протојереј Ѓорѓе Стојисављевиќ, шеф на Кабинетот на Српскиот Патријарх; воениот свештеник на Воената академија мајор Немања Перовиќ; воениот свештеник на Воената гимназија капетан Славко Папиќ; воени свештеници од гарнизонот Белград; како и свештеничкото братство на храмот Свети Сава.

На крајот од светата Литургија, епископот Доситеј ги пренесе благословите и честитките од Неговата Светост Српскиот Патријарх г. Порфириј, по повод завршувањето на школувањето и идната промоција во првите офицерски чинови. Честитајќи им на кадетите за завршеното школување, епископот Доситеј изрази радост што новите генерации го почитуваат духовното образование. „Веќе за неколку дена ќе преземете една од најодговорните должности во нашиот народ и во нашата земја и ќе стапите во професионална воена служба како офицери на Војската на Србија. Вршете ја вашата служба одговорно, храбро, со волја и радост и нека Божјиот благослов ве следи во тоа“ – им порача епископот Доситеј на идните офицери на Војската на Србија.

На свечениот духовен настан, покрај идните офицери, присуствуваа и началникот на Воената академија, полковник вонреден професор д-р Срѓан Благојевиќ и командантот на Кадетската бригада, полковник Милан Кончар.

Извор: https://www.mod.gov.rs/cir/21555/arhijerejska-liturgija-sa-molebanom-povodom-zavrsetka-skolovanja-kadeta21555 преку: https://spc.rs/arhijerejska-liturgija-sa-molebnom-povodom-zavrsetka-skolovanja-kadeta/