Во Руската куќа, односно Рускиот центар за наука и култура во Белград, на 6 јуни 2025 година се одржа тркалезна маса на тема: „За прогонот врз канонското православие во Украина и во другите земји од постсоветскиот простор“.
Настанот беше организиран по иницијатива на Руската асоцијација за заштита на верската слобода и Синодскиот оддел за односи на Црквата со општеството и медиумите, со поддршка на „Россотрудничество“.
Во дискусијата учествуваа:
* С.А. Мељников, претседател на Руската асоцијација за заштита на верската слобода, заменик директор на Институтот за етнологија и антропологија при Руската академија на науките;
* Е.А. Баранов, раководител на претставништвото на „Россотрудничество“ во Србија, директор на Руската куќа во Белград;
* Епископот Липљански Доситеј, викар на Светејшиот Патријарх Српски;
* В.В. Кипшидзе, заменик претседател на Синодалниот оддел за односи со општеството и медиумите на Руската православна црква, и заменик претседател на Советот на Руската асоцијација за заштита на верската слобода;
* Протојереј Виталиј Тарасјев, настојател на Подворјето на Руската православна црква во Белград;
* Протојереј Дарко Ристов Џого, професор на Православниот богословски факултет „Св. Василиј Острошки“ при Универзитетот во Источно Сараево (Српска православна црква);
* Р.В. Калинчук, украински православен публицист и мисионер.
Главното излагање со презентација, во кој беа детално претставени дискриминаторските политички одлуки и примери на прогон на православните верници во Украина, Латвија, Литванија, Молдавија и Естонија, го претстави С.А. Мељников.
Резимирајќи го излагањето, Мељников истакна дека „главниот мотив за донесување на овие незаконски одлуки од страна на властите е националната и јавната безбедност. Но, ако ги погледнеме меѓународните правни документи – Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, Европската конвенција за човекови права – ќе видиме дека јавната и националната безбедност не претставуваат основа за ограничување на слободата на совеста. Овие држави одат по пат на целосна беззаконие.“
Епископот Доситеј ги поздрави учесниците и истакна дека настанот се одржува во Белград со благослов на Светејшиот Патријарх Српски Порфириј, кој со големо внимание ја прифатил иницијативата. Тој додаде дека Српската православна црква будно ја следи ситуацијата во Украина и во другите земји каде што православните се прогонувани и им дава поддршка.
В.В. Кипшидзе во своето излагање нагласи дека дел од меѓународната заедница со години ги игнорира прогонот врз верниците. „Многу е важно што темата за прогон на Украинската православна црква се дискутира во Србија, затоа што гледаме тажна тенденција – молчење за бројните прогонства. Затоа е особено радосно што српската земја стана место каде што може отворено и убедливо да се зборува за случувањата во Украина“, рече Кипшидзе.
Според него, прогонот што се случува во Украина денес потсетува на 20-те и 30-те години од СССР, со тоа што засега нема масовни стрелања на свештеници или минирања на храмови, но украинските власти применуваат форми на притисок слични на тие од тоа мрачно време.
„Мерилото на прогоните и степенот на реакција од светската заедница – односно отсуството на соодветна реакција – за жал укажува на целосно обезвреднување на принципот на заштита на верската слобода“, додаде тој.
Кипшидзе рече и дека ситуацијата го разорила угледот на западните организации за човекови права, кои ги игнорирале прогонот врз Украинската православна црква и положбата на верниците.
Тој додаде: „Украинската православна црква е едно со Руската православна црква не по прашања на политика или државни односи, туку по заедничко духовно наследство што е исто толку вредно и незаменливо за животот на рускиот, украинскиот, белорускиот, молдавскиот и други народи. Обидите за уништување на тоа наследство од политички причини се удар врз целото руско православие.“
Протојереј Виталиј Тарасјев истакна дека политизираниот однос кон верниците во некои словенски земји јасно покажува намера да се уништи православието како основа на културата. Тој нагласи дека во денешниот свет Црквата има дипломатска мисија и треба да продолжи да зборува за проблемите кои го попречуваат складот меѓу религиозната заедница, државата и општеството.
Протојереј Дарко Ристов Џого повлече паралела меѓу сегашната ситуација и Втората светска војна, кога дел од европските држави спроведувале политика на нарушување на верските права, поделби меѓу верниците и создавање вештачки јурисдикции. Тој смета дека истите политички технологии се применуваат и денес во Украина и други земји.
Р.В. Калинчук сподели лични искуства со дискриминацијата од локалните власти во Украина поради неговата припадност кон Украинската православна црква и пренесе актуелни информации за резултатите од државната политика за уништување на канонската Црква.
Иако Државната служба за етнополитика објавила статистика за присилно префрлување на речиси 2.000 храмови на Украинската православна црква под контрола на ПЦУ (Православната црква на Украина, чија автокефалија е доделена од Цариградската Патријаршија), украинските верници остануваат верни на канонската Црква и продолжуваат да служат литургии надвор од храмовите.
Според него, барањата на властите на Украина и други земји за усогласување на црковните одлуки со државното законодавство се јасен пример за прекршување на меѓународно признатиот принцип на слобода на совеста и вероисповед, бидејќи канонските одлуки не се правни по природа и служат за внатрешно уредување на црковниот живот.
Тој изрази мислење дека неканонските дејствија на Цариградската патријаршија се во согласност со политиката на претходната американска администрација, која имала намера целосно да го стави под контрола православниот свет.
На настанот присуствуваа и експерти и претставници на медиуми од Русија и Србија.