Храмот „Св. Никола“ со парохискиот свештеник и верниците, пред да биде насилно одземен.
Полицијата ги поддржа акциите на лицата што неодамна го презедоа храмот „Св. Никола“ на Украинската Православна Црква во селото Маљатинци, во Черновицката област на Украина, известуваат украинските црковни медиуми.
Неколку недели пред преземањето, на 2 февруари 2025 година, активисти на ПЦУ (Православна Црква на Украина, чија автокефалија е доделена од Цариградската Патријаршија) организираа собир за префрлање на тој храм во владение на ПЦУ. Според очевидци, на тој состанок 114 парохјани гласале за останување на заедницата во Украинската Православна Црква, додека 74 активисти гласале за „преминување во ПЦУ“. Сепак, лицата што го организираа преземањето ги фалсификувале документите, намерно изоставајќи ги гласовите на парохијата.
Во ноќта на 21 март 2025 година, група претставници на ПЦУ насилно влегоа на територијата на храмот „Св. Никола“. Според телеграм-каналот „Дозор“, тие ги обиле бравите и упаднале во храмот. „Според информациите од терен, лицата што го презедоа храмот донеле група од други населени места. Процесот на преземање на православната светиња го надгледува озлогласениот клирик на ПЦУ, Гергељук. Овој човек некогаш работел во Черновицката ОВА (Обласна воена администрација) како државен регистратор“, стои во извештајот.
Полициските службеници не им дозволиле на членовите на заедницата на Украинската Православна Црква да пристапат до храмот. По преземањето, лицата што упаднале во храмот останале во него цела ноќ. Подоцна, под полициска заштита, тие поставиле свои брави на црквата.
Полицијата на Черновицката област за медиумите изјави дека претставниците на ПЦУ „го оствариле своето законско право за користење на верскиот објект и земјиштето“. „На местото пристигнаа претставници на Украинската Православна Црква, кои беа против оваа реализација“, изјави портпаролката на Националната полиција на областа, Каролина Маришева.
На официјалната интернет страница на парохијата на храмот „Св. Никола“ пишува: „Сите добро знаеме што се случи на собирот, кој победи, а кој си замина со наведена глава. Познато е дека тие сè градат на лаги. Но во однос на новинарите што ја пишуваат оваа бесмислица, сакаме да забележиме: според правилата, пред да објават вакви материјали, требаше да дојдат на местото на настанот и да ги чујат двете страни.“
Верниците од овој храм сега се принудени молитвите и богослужбите да ги прават на отворено.