На 17 април 2025 година, на Велики Четврток – денот на Споменот на Тајната Вечера, Неговата Светост Патријархот Московски и на цела Русија, Кирил, отслужи Божествена Литургија на свети Василиј Велики и чин на осветување на светото миро во катедралниот соборен храм „Христос Спасител“ во Москва.
Молебенот за почеток на мироварењето беше отслужен од Поглаварот на Руската Православна Црква во Донскиот ставропигијален манастир во Москва, во понеделникот на Страстната седмица. Миро се вари три дена: од Велики Понеделник вечерта, целиот Велики Вторник и утрото на Великата Среда. Во текот на целиот процес свештениците наизменично читаат Свето Евангелие, а ѓаконите го мешаат мирото. Потоа, садовите со мирото се пренесуваат во соборниот храм „Христос Спасител“. По вечерната богослужба на Великата Среда, садовите се поставуваат од северната, јужната и, ако е потребно, источната страна на Престолот. На Велики Четврток, за време на Литургијата, пред Великиот вход, алавастрот (специјален сад за чување древното миро) се преместува од Престолот на Жртвеникот.
Утрото, на Велики Четврток, Светејшиот Патријарх Кирил пристигна на западниот влез од храмот Христос Спасител. Пред вратите на храмот, Патријархот му го предаде алавастрот на првиот свештеник кој го внесе во олтарот и го постави на Престолот, лево од дарохранителницата.
По пристигнувањето во храмот, Поглаварот на Руската Црква се поклони пред чесните мошти на светиот Филарет, митрополит Московски.
На Великиот вход свештеницитеи го носеа алавастрот со древното миро и садовите со ново миро. На Царските двери, Патријархот го прими алавастрот и го постави на Престолот. Садовите со ново миро беа поставени лево и десно од Престолот.
По евхаристискиот канон, Поглаварот го отслужи чинот на осветување на мирото. Пред почетокот на чинот, Патријархот се обрати со слово:
„Господ благоволи по Своето Вознесение да ја создаде Црквата – заедница на верници. Но таа не е само обично здружение, туку продолжение на Божјата мисија. Дарот на Светиот Дух, даден преку апостолите, се пренесува преку ракополагање од епископ на свештеник, и до денес во Црквата преку светото миро. Тоа не е обичен мирис, туку видливо средство преку кое се пренесува благодатта.“
На крајот на Литургијата, Патријархот го истури древното миро од алавастрот во секој нов сад, а потоа го надополни алавастрот со ново миро – симбол на непрекинатото преемство на благодатта од апостолите до денес.
По завршувањето на Литургијата алавастрот и садовите со новото миро беа пренесени во Даниловскиот манастир, од каде, по благослов на Патријархот, ќе се испратат во сите епархии на Московската Патријаршија.











