Убиениот протојереј Николај Котељников, фотографија: Махачкалска епархија
„Од Махачкала и од Дербент пристигнуваат тешки вести. Напади врз православен храм и врз синагога. На ѕверски начин е убиен повозрасен свештеник на Руската православна црква, протојерејот Николај Котељников. Тој 40 години беше служител на Божјиот олтар“ – соопшти Владимир Легојда – вршител на должноста раководител на прес-службата на Патријархот Московски и на сета Рус.
„Светејшиот Патријарх и целата Руска црква се молат за покој на отец Николај Котељников и за другите загинати, а исто така и за брзо оздравување на ранетите“ – нагласи прес-секретарот на Патријархот. Тој додаде дека свештенослужителите од Махачкалската епархија ќе им укажат молитвена и секаква друга помош на настраданите и на роднините од загинатите.
„Малку е да се осудат ваквите дејствија и недоволно е да се каже дека тоа е варварство и фанатизам. Општеството и државата треба да направат сѐ за да се исклучи можноста од слични терористички напади (од какви било мотиви и да се раководат напаѓачите). Нападите на свештенослужители или на верски објекти (која било религија и да ја претставуваат) немаат оправдување. Храмовите и молитвените места на секоја религија треба да бидат простор, во кој владее мир, и каде луѓето можат во мир и во спокој да Му се обраќаат на Бога, без ризик да бидат нападнати од која било страна“ – истакна Владимир Легојда.
Според известувањата на медиумите, на 23 јуни 2024 година во Дербент и во Махачкала беа извршени оружени напади врз православни храмови и врз синагога, а исто така и врз полициски пункт во Махачкала. Како последица на нападот, загинаа неколку полицајци и цивили. Во Дербент терористите сурово го убија протојерејот Николај Котељников, пресекувајќи му го грлото.