Во Грција се одржа теолошка конференција за Украинското црковно прашање

На 1 јуни 2025 година, во Конференцискиот центар на Пирејската митрополија, при храмот „Св. Димитриј“, во Атина, Грција, се одржа еднодневна теолошка конференција на тема: „Теолошките димензии на Украинското прашање и нејзината геополитичка заднина“. Настанот го организира сојузот на теолози „Метексис“ со поддршка од Пирејската митрополија на Црквата на Грција, а по повод шестгодишнината од доделувањето на Томосот за автокефалност на Православната Црква на Украина (ПЦУ).

На конференцијата учествуваа истакнати грчки теолози и канонисти. Меѓу говорниците беше и Митрополитот Пирејски Серафим, кој имаше изложување со наслов: „Еклисиолошко и канонско гледиште за украинската автокефалност“.

Особено внимание беше посветено на канонските аспекти на создавањето на ПЦУ. Василиос Цуцумецис, доктор по теологија, професор на Националниот и Каподистриски универзитет во Атина, ја претстави темата: „Еклисиолошка оцена на отсуството на повторно ракополагање според Седмиот вселенски собор и случајот на Украинската криза“.

На конференцијата беа разгледани и геополитичките аспекти на украинското црковно прашање. Професорот Георгиос Филис изложи анализа на трансформацијата на меѓународниот систем во контекст на украинските настани, а професорот Јоанис Мазис го објасни геополитичкото значење на регионот на Црното Море.

Програмата на настанот имаше две сесии со излагања и дискусии, што на учесниците им овозможи сеопфатно да дискутираат за различни аспекти на украинската црковна криза − од канонските прашања до меѓународните последици.

Во текот на конференцијата, протојерејот Јоанис Диотис ги повика сите помесни цркви да иницираат обраќање до Цариградскиот патријарх за лажноста на признавањето на ПЦУ.

Се очекува материјалите од конференцијата да бидат објавени и да бидат придонес кон теолошката дискусија за каноничноста на создавањето на ПЦУ и нејзиното признавање во православниот свет.

Извор: https://emethexis.gr/theologikes-imerides/i-theologiki-diastasi-tou-oukranikou-z/  преку: https://spzh.eu/ru/news/86562-v-hretsii-prokhodit-konferentsija-po-probleme-ptsu