Во Гватемала повеќе од еден и пол милион Маја Индијанци се сметаат за православни

Околу еден милион Маја Индијанци во Гватемала се сметаат за православни христијани — такви податоци изнесоа истражувачите од Рускиот државен универзитет за општествени науки, како резултат на повеќегодишна теренска работа. За ова известува руската новинска агенција „РИА Новости“, повикувајќи се на објавена студија во списанието на РАН „Латинска Америка“.

Според директорката на Мезоамериканскиот центар „Ј. В. Кнорозов“ при спомнатиот Универзитет, Галина Ершова, православието во последниве децении активно се шири меѓу домородното население на земјата кое зборува на мајански јазици. „Во 2025 година на православни можеме да ги сметаме повеќе од еден и пол милион луѓе — над шест проценти од населението. И оваа бројка расте“ – истакна таа. Денес во Гватемала има значително повеќе православни отколку пред само десет години, кога игуменијата Инес Ајау Гарсија во интервју зборуваше за околу еден милион верници.

Истражувачите ја поврзуваат заинтересираноста за православието со историските трауми на индијанските заедници. Кон крајот на XIX век, по „либералните реформи“ на претседателот Хусто Руфино Бариос, католицизмот бил фактички забранет, манастирите затворени, а црковните земјишта одземени. Тоа ги лишило Индијанците од нивната вообичаена религиска средина и создало потреба за нови форми на духовен живот.

Клучна улога во појавата на православието во Гватемала одиграла игуменијата Инес Ајау Гарсија. Родена во атеистичко семејство, таа во младоста станала католичка монахиња, но во 1980-тите години преминала во православие, вдахновена од делата на светителите. Токму по нејзина иницијатива во 1994 година во земјата била отслужена првата православна литургија, а во 1996 година државата ѝ го предала на заедницата полуразурнатиот прифатилиштен дом, во кој таа заедно со неколку монахињи го основала Манастирот на Животворната Троица и детско прифатилиште.

Во 1997 година на територијата на прифатилиштето бил осветен првиот парохиски православен храм во Гватемала — храмот „Преображение Господово“. Подоцна биле изградени неколку нови храмови, меѓу кои и храмот „Света Троица“ од 2007 година, изграден во традицијата на древноруската архитектура. Во годините на работењето на прифатилиштето, повеќе од илјада деца го прифатиле православието.

Еден од важните проекти на игуменијата било создавањето, во 2013 година, на Универзитетот Олга и Мануел Ајау Кордон. Образовната установа овозможува бесплатно онлајн-образование, а предавачите се специјалисти од различни земји, меѓу кои и соработници на спомнатиот Универзитет. Универзитетот нуди онлајн-програми, меѓу другото и по предколумбова историја. Професорката Галина Ершова, ученичка на Јуриј Кнорозов, го создала првиот учебник за мајанско писмо на шпански јазик. Благодарение на тоа, во Гватемала се појавило ново насочување во хуманитарното образование.

Православните заедници во земјата продолжуваат да растат преку колективни преминувања на индијански населени места, кои бараат традиционална форма на христијанство поблиска до нивниот дух. Истражувачите забележуваат дека православието многу од заедниците на Маја го доживуваат како поисконско со нивното културно наследство и потребата за силен заеднички идентитет. Освен тоа, во Гватемала сè уште постои болна меморија за либералните реформи од XIX век, кога католичката црква била фактички забранета, манастирите уништени, а црковните земји конфискувани. Православието многумина го сфаќаат како „враќање на изгубената духовна полнота“, а не како „туѓ култ“.

Извор: https://gorthodox.com/news-item/v-gvatemale-bolee-polutora-millionov-indejcev-majya-schitayut-sebya-pravoslavnymi-pokazalo-issledovanie-rggu