На 21 октомври 2025 година, со благослов на Блаженејшиот Митрополит Киевски и на цела Украина Онуфриј, во Киевската духовна академија и семинарија беше одржана XVII Меѓународна научно-практична конференција на тема „Духовното и световното образование: историја на взаемните односи – современост – перспективи“. За тоа известува Информативно-просветниот оддел на Украинската Православна Црква, повикувајќи се на прес-службата на Киевската духовна академија.
Во форумот, како со физичко присуство така и од далечина, учествуваа 69 излагачи, меѓу кои имаше претставници на духовните образовни установи на Украинската Православна Црква, претставници на светски високообразовни институции од Украина и од странство, како и професори и студенти на Киевските духовни школи.
Отворањето и пленарниот дел на конференцијата се одржаа во свечената сала на Голосеевскиот манастир (академската зграда).
Во президиумот на пленарното заседание беа:
– претседателот на Учебниот комитет при Светиот Синод на Украинската Православна Црква, митрополитот Нежински и Прилуцки Климент,
– ректорот на Киевската духовна академија и семинарија, архиепископот Белгородски Силвестер,
– проректорот за воспитна работа, архиепископот Згуровски Амвросиј,
– проректорот за наставно-методолошка работа, епископот Батурински Пантелејмон,
– и проректорот за научно-богословска работа, Владимир Викторович Бурега.
По молитвата „Цару Небесен“, пленарното заседание на конференцијата го отвори ректорот на Киевската духовна академија и семинарија, архиепископот Силвестер. Владиката ректор ги поздрави учесниците со почетокот на работата на конференцијата и го соопшти распоредот на одржување. Високопреосвештениот владика истакна дека годинашната конференција е посветена на 1700-годишнината од Првиот (Никејски) вселенски собор (во 325 година).
Потоа, професорот на Киевската духован академија, митрополитот Нежински и Прилуцки Климент, го прочита поздравното слово на Блаженејшиот Митрополит Онуфриј, упатено до организаторите и учесниците на конференцијата.
Пленарното заседание беше пренесувано во живо на официјалниот канал на Академијата на Јутјуб.
Според распоредот на пленарниот дел, со излагање на тема „Првиот Вселенски Собор и неговото место во историјата на Православната Црква“ настапи ректорот на Академијата, архиепископот Силвестер.
Потоа следеше излагањето на професорот на Киевската духовна академија, митрополитот Хмелницки и Староконстантиновски Виктор, на тема „Мисијата на Црквата во епохата на промени: размислувања на Блаженејшиот Митрополит Владимир (Сабодан) (по повод 90-годишнината од раѓањето)“.
Понатаму, со труд на тема „Шестото правило на Првиот Вселенски Собор и неговото толкување на Исток и на Запад“ настапи проректорот за научно-богословска работа, професорот Владимир Викторович Бурега.
Последен настапи проректорот за воспитна работа на Харковската духовна семинарија, свештеникот Николај Стец, со излагање на тема „Литургискиот живот на Црквата во периодот на Првиот Вселенски Собор“.
По завршувањето на пленарното заседание и по паузата за ручек, се одржа тркалезна маса за професорите по канонско право, а потоа продолжи работата на конференцијата во рамките на шест секции:
1. „Првиот Вселенски Собор: богословски, канонски и историски аспекти“.
2. „Богословие и патристика: историско искуство и перспективи“.
3. „Библиска егзегеза, херменевтика и исагогика: научни дискурси“.
4. „Историскиот пат на Православието во Украина“.
5. „Црквата во современиот свет: мисија, литургија, дијаконија“.
6. „Црковната традиција: разбирање низ призмата на современоста“.
За учесниците од други градови и од странство, секциите се одржуваа онлајн преку платформата „Гугл миит“.
Модератори на секциите беа професорите и предавачите од Киевските духовни школи, како и претставници на други духовни образовни институции.



















