Во манастирот Високи Дечани на 20 јуни оваа година, со свечен литургиски собир беа одбележани дваесет години од архијерејската служба на Неговото Високопреосвештенство Архиепископот и Митрополит Рашко-призренски г. Теодосиј.
На светата архијерејска Литургија началствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Жички г. Јустин во сослужување со Високопресвештените Митрополити Рашко-призренски г. Теодосиј, Тимочки г. Иларион, Нишки г. Арсениј и Преосвештениот Епископ Новобрдски г. Иларион, викар на Неговата Светост Српскиот Патријарх г.г. Порфириј.
Сослужуваа, исто така, и голем број свештеномонаси и чесно свештенство, со молитвено присуство на голем број монаси, монахињи и верен народ собрани од Рашко-призренската и од другите епархии на Српската православна црква.
Архиепископот и Митрополит Жички г. Јустин на свечената манифестација по повод јубилејот на Митрополитот Теодосиј одржа трогателен говор кој ги поттикна присутните на подлабоко разбирање и прифаќање на верата. Митрополитот Јустин во своето обраќање го истакна Христовото присуство на земјата, Неговото страдање и Воскресение и Неговата неизмерна љубов кон човештвото, што овозможи да се отворат вратите на Царството Небесно за сите верници. Говорот особено ја истакна важноста на Светиот Дух како душа на Црквата и Неговата улога во живеењето во согласност со Христовото учење.
Владиката Јустин ја изрази својата длабока радост и благодарност што може да му ја честита оваа значајна годишнина на Архиепископот и Митрополит Теодосиј, потсетувајќи го на времето поминато заедно во духовно делање и надминување на човечките слабости. Тој истакна колку ни е потребен Господ и колку сите го бараме Неговото присуство во нашите животи, особено во тешките моменти.
„Тој дојде на земјата за да ни помогне да го разбереме и прифатиме Евангелието, да Го препознаеме и да Го примиме, да се радуваме во Него. Тој беше со нас 33 години, престојуваше, исцелуваше, страдаше со нас, воскресна, поучуваше и го подготвуваше човечкиот род за најголемата тајна, не само да го спаси со тоа што прво ќе воскресне прво Тој, а преку Него да ги отвори вратите и портите на небото и за нас, туку отиде и понатаму во својата љубов. Тој го прими нашето изнарането тело, го стави на своите плеќи, ја зеде човечката природа, освен гревот, и ја остави да седи од десната страна на Бога Отецот при Неговото вознесение. Тој исполни сè за што дојде. А остана само едно да се исполни затоа што на Јудејците што беа собрани кога се вознесе, им рече дека нема да нè остави сиромашни. Тој ќе Го испрати Светиот Дух, ќе Го замоли Отецот Светиот Дух да биде тука со нас до крајот на светот и векот. Он е Тој што ѝ дава смисла на Црквата, ѝ дава душа на својата Црква, а Црквата Божја е телото Христово и сите ние сме членови на таа Црква. Ми причинува голема радост што можам да му честитам на мојот брат и вечниот собрат за овој голем јубилеј и да го потсетам дека и јас бев со него извесно време обидувајќи се да ги надминам човечките слабости и со помош на братството и со братството да ја подготвам душата моја за младоженецот Христос. Тоа не е завршен процес, тоа сè уште трае и колку повеќе живееме, толку повеќе гледаме колку уште ни недостасува Господ, колку го бараме Господа“, рече во својата проповед митрополитот Јустин.
Овој настан беше повод за размислување за привремените страдања што ги доживуваме на земјата, но и за неминливата радост и надеж во Царството Небесно, кое започнува овде и сега за сите верни. Митрополитот Јустин истакна дека Митрополитот Теодосиј, како добар пастир, го води своето стадо кон повисоки мерки на раст во Христа и ги повикува Божјите благослов и благодат врз него, со желба да продолжи успешно да го води верниот народ.













