Во московска црква беа запалени 3.000 свеќи во спомен на децата убиени со абортус

Во саботата, на 11 јануари, кога се празнува споменот на 14.000 младенци-маченици убиени од Ирод, во московскиот храм „Свети Сергиј Радонешки“, православни верници, претставници на добротворни и општествени организации запалија 3.000 свеќи во спомен на децата убиени со абортус. Специјално за овој настан беше изработен голем поден свеќник во форма на крст. 

„Верниците ги палеа свеќите за време на покајниот молебен кон Господ Бог, Пресвета Владичица Богородица и светите маченици – 14.000 младенци, кои беа убиени во Витлеем од Ирод, заради Христа. Некои плачеа, чувствувајќи ја тежината на некогаш направената трагична грешка“, изјави старешината на храмот „Свети Сергиј Радонешки“, протојерејот Александар Михеев. 

Според податоците на државната статистика, во 2023 година во Русија биле извршени 467.586 прекини на бременост, додека во 2022 година – 503 809. Општествени активисти и претставници на власта укажуваат дека вистинските бројки се значително поголеми. 

„Минатата година, заменик-претседателката на Комитетот на Државната дума за прашања на семејството, жените и децата, Татјана Буцкаја, изјави дека бројот на абортуси во Русија може да биде двојно поголем од официјалната статистика, што значи околу 800–900 илјади абортуси годишно. Ако се земат предвид и абортусите предизвикани од употребата на внатрематерични спирали и хормонална контрацепција, реалната бројка е многу поголема. Претпоставуваме дека во Русија годишно со абортус се убиваат најмалку еден милион деца, што значи околу 3.000 деца секој ден. Затоа, денеска запаливме токму толку свеќи“, изјави координаторката на добротворната организација „Спаси живот“, Марија Студеникина. 

Во последните години, Руската православна црква и невладините организации отворија 86 засолништа за бремени жени и мајки со деца, како и 267 центри за хуманитарна помош, кои им помагаат на жените да ја задржат бременоста, решавајќи ги нивните материјални проблеми. Покрај тоа, Црквата иницира законски предлози насочени кон заштита на децата пред нивното раѓање. Меѓу овие иницијативи е и предлогот за исклучување на абортусите без медицинска причина од системот на задолжително здравствено осигурување и забрана за извршување абортуси во приватни клиники. 

Минатата година, Неговата Светост, Патријархот Московски и на цела Русија Кирил, повика да се исклучи вештачкиот прекин на бременоста од списокот на услуги што ги нудат приватните клиники во Русија. 

„Абортусот сè уште не само што се смета за таканаречена бесплатна медицинска услуга, туку и како средство за збогатување на приватните клиники. Според некои експерти, комерцијалната медицина често не ги почитува важните антиабортусни ограничувања што државата ги воведе во последните години со целосна поддршка од општеството и Црквата. Време е законски да се исклучат абортусите од списокот на услуги што им носат профит на оние кои се богатат од страдањето на жените“, изјави Патријархот, зборувајќи во Државната дума на пленарната седница на XI Божиќни парламентарни средби. 

Координаторот на Руската заедница, Евгениј Чесноков, изјави дека организацијата, во соработка со Руската православна црква, планира да спроведе и други активности за подигнување на свеста кај јавноста и властите за проблемот со чедоморството. 

„Децата се убиваат секој ден, крвавиот ланец не запира. Мораме на секој можен начин да се спротивставиме на ова лудило, вклучително и преку поддршка на законодавните иницијативи на Светејшиот Патријарх и православните претставници на власта. Оваа година, Руската заедница ќе направи сè што е можно за да го поддржи предлог-законот за заштита на здравјето на децата пред нивното раѓање, кој го иницираше пратеникот на Државната дума, Николај Николаев, а го поддржаа повеќе од 100 пратеници“, изјави Чесноков. 

Од социјалната служба на Централниот викаријат на град Москва изјавија дека настанот од 11 јануари е само почеток, а во текот на годината ќе се реализираат бројни проекти насочени кон спречување на абортусите.

Извор: https://pravoslavie.ru/166383.html