Во московскиот Сретенски манастир пристигна светиња од Србија

На 6 јули 2024 година (на денот кога се празнува Владимирската Богородична икона) во московскиот Сретенски манастир пристигна светиња од Србија. Игуменот на манастирот „Црна Река“, архимандрит Андреј, му предаде на братството на манастирот икона на преподобниот Петар Коришки, со честичка од моштите, како подарок од Рашко-Призренската епархија на Српската православна црква. Монахињите од манастирот „Уље“ ја насликаа иконата по овој повод, и таа е благодарствен дар кон Руската православна црква за нејзиното учество во животот на православниот народ во Косово и Метохија.

По завршување на празничната Литургија, архимандритот Андреј му ја предаде иконата на игуменот Јован, старешина на Сретенскиот манастир, и во таа прилика им се обрати на присутните монаси и верници. Меѓу другото, тој нагласи:

„За мене претставува голема чест и особена радост, од името на нашиот Рашко-Призренски епископ Теодосиј, кој е претстојател на српскиот народ на територијата на Косово и Метохија, да ви ја предадам оваа светиња – икона со мошти. Ние, како народ на Косово и Метохија, многу сме страдале и страдаме. Меѓутоа , во нашите страдања ние никогаш не ја забораваме молитвената и материјална поддршка од рускиот народ и од Руската црква, а особено од Сретенскиот манастир“.

На крајот од обраќањето, архимандритот Андреј им изрази голема благодарност на игуменот на Сретенскиот манастир и на Рускиот Патријарх Кирил, порачувајќи: „Ние многу се надеваме дека вие, исто така, ќе му се молите на преподобниот Петар, за да ги пројави своите чудеса во Русија и во вашата Црква“.

Преподобниот Петар Коришки е еден од најпочитуваните и најдревни светители на Српската Црква. Неговите мошти се наоѓаат во манастирот „Црна Река“, во јужниот дел од Србија. Тој е познат по неговите строги подвизи и многубројни чудеса, кои се пројавуваат по молитвите крај неговите свети мошти.

Извор: https://pravoslavie.ru/161673.html