Во Москва се одржа 5-та конференција на православните центри за помош на зависниците од дрога

Во Москва се одржа 5-та конференција на православните центри за помош на зависниците од дрога. На неа учествуваа 104 лица – свештени лица и мирјани од 45 епархии. Работата на конференцијата ја водеше раководителот на „Координативниот центар за борба против зависноста од дрога“ на „Синодското одделение за црковна добротворна и социјална служба“ на Руската православна црква, епископот Каменски и Камишловски Методиј. Во рамките на конференцијата се одржаа стручни предавања, интерактивни разговори, излагања на специјалисти, размена на искуства, креативни и спортски настани.

Владиката Методиј ги сумираше резултатите од црковната антинаркотична дејност, почнувајќи од првата конференција, која се одржа во 2017 година. Тој истакна дека денес постои пропишан и ефикасен начин на работа за помош на зависниците од дрога, а создадена е и заедница на иницијативни центри за помош. Владиката Методиј го карактеризираше одржувањето на обуки во епархиите како важна задача во следните две до три години, со цел што пошироко да се шират информациите за црковната помош на зависниците од дрога.

На собирот епископот Методиј говореше и за борбата против страстите, во делот од конференцијата именуван „Смисловно јадро на црковната рехабилитација. Применета аскетика“ и имаше стручно излагање на тема „Кинотерапија“.

Сите учесници на конференцијата добија методолошка литература за помагање на зависниците.

Оваа конференција на православните центри за помош на зависниците од дрога беше организирана од добротворната фондација „Свети праведен Јован Кронштатски“ со финансиска поддршка од „Одделот за национална политика за меѓурегионални односи“ на градот Москва и „Фондот за претседателски грантови“, во рамките на проектот „Знаеш самиот – научи друг“.

Денес во Русија има 245 црковни проекти за помош на зависниците од дрога, вклучувајќи 49 центри за рехабилитација, 19 центри за ресоцијализација, пет центри за мотивација, 15 амбулантски програми, 68 советувалишта, 89 групи за помош и поддршка на зависниците и нивните роднини. За поддршка на зависниците од дрога и нивните роднини, постои единствена федерална телефонска црковна линија за помош на зависниците од дрога, каде што може да се добие совет, да се најде соодветен центар за надминување на зависноста или програма за рехабилитација. Сите информации за различните центри за помош и за активностите за борба против дрогата на епархиите може да се добијат и на веб-страницата на „Координативниот центар за борба против зависноста од дрога“ на Синодското одделение за добротворни цели.

Извор: https://www.diaconia.ru/v-moskve-sostoyalsya-v-vserossijskij-slet-pravoslavnykh-centrov-pomoshhi-narkozavisimym#