Во Москва се одржа промоција на збирки духовни песнопенија на кинески јазик

На 18 ноември, во руско-кинескиот културен центар „Жар-птица“, се одржа промоција на нотни изданија подготвени од центарот во 2024 година со поддршка од Кинеското патријаршиско подворје во Москва и финансиска помош од фондот „Руски свет“, објави веб-страницата на Подворјето. 

На учесниците на настанот им беа претставени збирката „Двогласна литургија на кинески јазик врз основа на древни напеви“ и двојазичната руско-кинеска „Збирка духовни песни“, која опфаќа песнопенија од божиќниот и велигденскиот период, како и руски духовни и народни песни. 

Со воведно обраќање настапи соработникот на Одделот за надворешни црковни врски на Московската патријаршија и клирик на Кинеското подворје, јеромонахот Кирил (Перегудин), кој беше куратор на издавачкиот проект. Тој раскажа за идејата за проектот, учесниците, како и за тоа како првите примероци од нотните збирки веќе се предадени на свештеници и водачи на хорови во православните заедници во Кина. 

Во текот на презентацијата, авторката и уредничка на збирките, музикологот и регент, Олесија Лесина, дипломирана на Московскиот конзерваториум „Чајковски“, ја сподели историјата на создавање на збирките. Таа зборуваше за процесот на работа на музичките аранжмани, соработката со преведувачи и други учесници на проектот. Координаторот на преведувачката група на збирката „Двогласна литургија“, секретарот на Кинеското подворје, свештеникот Алексеј Јусупов, со неколку примери ги илустрираше карактеристичните особености и предизвици при преводот на православни литургиски текстови, вклучително и за унификацијата на православните термини. 

На промоцијата присуствуваше и илустраторката на „Збирката духовни песни“, уметницата Ирина Власова. Таа на сите присутни им подари божиќни честитки со свои цртежи. 

По завршувањето на промоцијата, ансамблот на Кинеското подворје изведе неколку песнопенија од издадените збирки. 


Историјата на православието во Кина започнува во втората половина на XVII век, кога се појавува Руската православна мисија во Кина. Меѓутоа, во текот на постоењето на Кинеската православна црква, не се разви трајна и проверена традиција на православно пеење на кинески јазик. Ова отвара голем простор за експерименти и креативни истражувања, што е особено важно денес, кога во модерна Кина се посветува големо внимание на синхронизација на религиозните традиции со локалната култура. 

Првото издание вклучува древни православни песнопенија во двогласна форма, како и модерни духовни композиции. При работа на текстовите, беа користени современи православни, протестантски и католички преводи, како и дела на свети Гуриј Таврички и митрополитот Инокентиј. Некои од постоечките преводи беа значително изменети, а дел од текстовите беа преведени одново. 

Второто издание, двојазичната збирка духовни песнопенија на руски и кинески јазик, има за цел преку музичката традиција да ја запознае кинеската публика со православната култура и црковните празници. Оваа книга е наменета како за Кинези што живеат во Русија и во странство, така и за рускојазични луѓе што учат кинески јазик. Книгата е богато илустрирана, што на текстовите им дава дополнителна вредност. 

Извор: http://orthodoxchina.ru/rus/novosti/v-moskve-proshla-prezentaciya–sbornikov-duhovnyh-pesnopenii-na-kitaiskom-yazyke.html преку: https://mospat.ru/ru/news/92528/