Во Москва свечено одбележан празникот на св. Кирил и Методиј

На 24 мај 2024 година, на денот на светите рамноапостолни, словенски учители, Методиј и Кирил, Светејшиот Патријарх Московски и на сета Рус Кирил началствуваше на Литургијата во катедралниот храм „Христос Спасителот“ во Москва. На овој ден се одбележува и Денот на словенската писменост и култура, и именденот на Патријархот Кирил.

По пристигнувањето во храмот, Патријархот Кирил се поклони пред чудотворната икона „Тихвинска Богородица“, која е поставена во централниот дел. Со благослов на Патријархот, на 21 мај годинава оваа чудотворна икона е пренесена во Москва од Тихвинскиот машки манастир „Успение на Богородица“.

На Патријархот му сослужуваа повеќе архијереи, архимандрити, игумени и свештенослужители на Руската православна црква. На богослужбата учествуваа следниве претставници од други помесни Православни Цркви: Филипополскиот митрополит Нифон (од Антиохиската патријаршија), архимандрит Стефан Диспиракис (од Ерусалимската патријаршија), архимандрит Серафим Шемјатовски (од Православната црква на Чешките земји и на Словачка), протојереј Даниил Андрејук (од Православната црква на Америка).

На богослужбата беа присутни бројни политички претставници, а, исто така, и претставници од различни сфери на рускиот општествен живот.

По завршување на Литургијата беше отслужен благодарствен молебен кон светите рамноапостолни Методиј и Кирил. Од името на Светиот Синод, Воскресенскиот митрополит Григориј му го честита именденот на Патријархот и му врачи стара икона на Христовиот неракотворен образ, како и букет бели рози.

Од името на претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, на Патријархот му честиташе ополномоштениот претставник на претседателот во Централниот федерален округ Игор Шчеголев, а од името на владата на Руската Федерација му честиташе заменикот претседател на владата Димитриј Чернишенко.

Потоа, беа доделени црковни одликувања, со указ на Патријархот Кирил, а, исто така, се одржа и свечен прием по повод Денот на словенската писменост и култура, и по повод именденот на Патријархот.

Извор: http://www.patriarchia.ru/db/text/6131572.html