Во Романија илјадници верници пристигнаа за да се поклонат на моштите на света Параскева

На 8 октомври 2025 година, во романскиот град Јаш започнаа годишните свечености во чест на Света Параскева, јавува романскиот црковен портал „Доксологија.ро“. Празнувањето започна рано наутро пред соборната црква со чинот на пренесување на нејзините нетлени мошти во украсен балдахин, каде што поклониците ќе можат да ѝ се поклонуваат во наредните денови.

За време на литијата која ја предводеше викарот на Јашката архиепископија, епископот Ботошански Никифор, се читаше акатист на света Параскева, по што во соборниот храм започнаа богослужбите кои ќе траат неколку денoви. И покрај студеното време, илјадници верници стоеја на дождот, чекајќи можност да се поклонат пред светињата. Организаторите на литијата ги советуваа поклониците да ги земат предвид временските услови и установија телефонска линија за поддршка. Соопштуваат дека редот за моштите ќе се прикажува во реално време на црковните портали doxologia.ro и mmb.ro.

Митрополитот Молдавски и Буковински, Теофан, им се обрати на поклониците со поука и истакна дека несомнената духовна радост е веќе забележлива на лицата на верниците, кои, и покрај заморот од долгиот пат, чувствуваат внатрешно вдахновение и благодат.

Преподобна Параскева, која живеела во XI век, од младоста се посветила на пост, молитва и служење на ближните. Таа се смета за символ на христијанското смирение и милосрдие. Нејзините мошти биле донесени од Константинопол во Јаш во 1641 година и оттогаш се чуваат во соборната црква.

Од 11 октомври, покрај моштите на Преподобна Параскева, ќе бидат изложени и моштите на свети Григориј Палама, донесени од Солун. Празничните настани ќе траат неколку денови и ќе завршат со свечена литургија на 14 октомври – на денот на споменот на света Параскева, кога Јаш станува центар на најголемото поклонение на Романската Православна Црква.

Извор: https://doxologia.ro/inceput-hramul-iasului-sfanta-cuvioasa-parascheva-asezata-baldachin-pentru-pelerini преку: https://gorthodox.com/news-item/v-rumynii-tysyachi-veruyushih-pribyli-poklonitsya-mosham-svyatoj-paraskevy