На 28 април 2025 година, во манастирот Сихастрија, во Романија, беше извршен чинот на отворање на светите мошти на преподобните Клеопа (Илие) и Паисиј (Олару), што претставува значаен чекор во процесот на нивното прогласување за светители.
Епископот Јужно-Бесарабски Венијамин (Горјану) и епископот Ботошански Никифор (Хорја), викар на Јашката архиепископија на Романската Православна Црква, заедно со собор на свештенослужители, по тој повод извршија посебен литургиски чин, при што моштите на преподобните Паисиј и Клеопа беа внимателно извадени од местото на нивната почивка, исчистени од земја и побожно положени во дрвени ковчези. Предметите што се зачувале во нивните гробови беа сместени во посебно подготвени сандаци. На крајот, нивните чесни мошти беа пренесени во храмот на манастирот Сихастрија, каде што чинот заврши со пеење тропари посветени на секој од светителите.
Отворањето беше извршено во согласност со црковните правила, како дел од соодветната подготовка на светите мошти кои ќе бидат положени во нови кивоти, што во моментов се во изработка. Понатаму, свечено ќе биде извршено локалното прогласување на двајцата за светители.
„Овој ден за сите нас ќе остане историски, врежан во нашите срца, затоа што сите видовме како Бог делува на земјата во денови на наша немоќ. Ден на утеха, бидејќи, сите видовте, земјата беше влажна и водата ги покриваше моштите и гробовите на двата отци. Но кога ги извадивме од земјата, целите гробишта се исполнија со благоухание“, рече епископот Ботошански Никифор.
