Во САД поглаварот на ПЦУ Епифаниј одби да сослужува со поглаварот на Архиепископијата на Цариградската Патријаршија Елпидофор

На седницата на Синодот на Архиепископијата на Цариградската Патријаршија во САД, одржана на 10 април 2025 година, нејзиниот поглавар архиепископ Елпидофор го обвини поглаварот на ПЦУ (Православна Црква на Украина, чија автокефалија е доделена од Цариградската Патријаршија, а ја признаа само уште 3 помесни Цркви) Епифаниј за прекршување на одредбите на Томосот. За ова пишува грчкиот весник „Етникос кирикас“, повикувајќи се на свои извори.

Според написот, архиепископот на седницата истакнал дека Епифаниј, при посетата на САД во февруари 2025 година, „не бил подготвен за соработка“ и одбил да сослужува со него, претпочитајќи мала украинска заедница што се потчинува на украинските епископи Даниил и Антониј.

„На прашањето на Архиепископот Елпидофор зошто создаваат заедници и паралелни јурисдикции кога тоа е забрането со Томосот за автокефалија, митрополитот Епифаниј му одговорил дека не може да ги контролира своите епископи таму“, ги пренесува неговите зборови грчкиот медиум.

Архиепископот Елпидофор не прецизирал за која точно заедница зборувал.

Да потсетиме, викаријатот на ПЦУ во САД и Канада испрати официјално обраќање до Епифаниј и до членовите на Синодот, потпишано од секретарот Виктор Полјарни, со повик да се утврди официјалниот статус на украинските парохии во дијаспората.

„Се чувствуваме како бегалци, како сирачиња за кои се заборавило во време на радост. Кога другите слават и се радуваат, ние тагуваме и плачеме, бидејќи по сите овие години труд и служење станавме отфрлени“, се жалат верниците во дијаспората.

Повикувајќи се на одредбите од Томосот на ПЦУ, според кои сите парохии надвор од Украина преминуваат под јурисдикција на Фанар, викаријатот истакнува дека „сега е моментот Мајката-Црква да им подаде рака на своите деца расеани низ светот и да направи сè што може за нивна духовна и морална поддршка“.

Извор: https://www.ekirikas.com/apo-18-mechri-25-septemvriou-o-patriarchis-v/ преку: https://spzh.eu/ru/news/85855-arkhiepiskop-konstantinopolja-obvinil-dumenko-v-narushenii-norm-tomosa-smi