Васил Левски (1837 – 1873) е бугарски народен херој, револуционер кој водел борба за ослободување од турското ропство. Поради неговата голема важност за ослободувањето на Бугарија, Левски често е нарекуван „Апостолот на слободата“. Опеан е во народни песни во Бугарија, и во мала мера во некои делови од Македонија. Се замонашил на дваесет и четири години (заради што добил прекар „Ѓаконот“), но подоцна го напуштил манастирот за да води револуционерна борба против Османлиското Царство.
„Денот на сеќавање за ’Апостолот на нашата слобода’ е и ден на духовно размислување и преиспитување. На овој ден пред нас се исправува величието на подвигот и саможртвата за ближниот“ – истакна во своето слово Неговата Светост Бугарскиот патријарх и Софиски митрополит г.г. Даниил.
Тој отслужи панихида по повод 152-годишнината од смртта на јеромонах Игнатиј – Васил Левски во црквата „Св. Софија“ во главниот град, на 19 февруари 2025 година, заедно со Мелнишкиот епископ Герасим – главен секретар на Светиот синод, Знеполскиот епископ Мелетиј – ректор на Софиската духовна семинарија, архимандрит Јоан – протосингел на Софиската митрополија, храмовото свештенство и свештеници од Софија.
Во своето слово патријархот Даниил нагласи дека подвигот на Апостолот на слободата сведочи за длабока и чиста вера, дејствителна и жртвена љубов. „Избраниот пат на јеромонах Игнатиј – Васил Левски е нетипичен за еден монах, но внимателното разгледување го открива неговиот вистински лик: зад револуционерот стои христијанинот, зад Апостолот го гледаме Ѓаконот, со неговата цврста вера и надеж во Бога, со приврзаноста кон Црквата, со редовното присуство на богослуженија, исповед и учество во Светата Евхаристија.“
По заупокоеното богослужение, настаните продолжија пред споменикот на Апостолот на слободата на булеварот „Васил Левски“, каде што се одржа свечена комеморација на која присуствуваа бугарскиот претседател Румен Радев, претседателката на Народното собрание Наталија Киселова, премиерот Росен Желјазков, потпретседателката Илијана Јотова, министри, пратеници, воени претставници и свештенство.

Извор: https://bg-patriarshia.bg/news/vazpomenatelni-sabitia-v-sofia-po-povod-152-godini-ot-smartt
