На својата последна седница Светиот Синод на Цариградската Патријаршија во диптихот на светителите ги запиша двајцата светогорски старци: старецот Дионисиј Ватопедски од ќелијата „Св. Георгиј“ – Колицу, и јеромонахот Петрониј од скитот „Св. Јован Претеча“ на Големата Лавра.
Споменот на Преподобниот Дионисиј Ватопедски е определен да се празнува секоја година на 11 мај, а на Преподобниот Петрониј на 24 февруари.
Кои се новите преподобни отци на Црквата?
Старецот Дионисиј од Колицу, по потекло од Романија, пристигнал на Света Гора во 1926 година. Блажениот Старец Дионисиј бил искусен духовен раководител. Неговата прегратка била отворена за секој верник, за секој исповедник – тоа била прегратката на Бога Отецот кој го чека враќањето на блудниот син за да му прости и да му стави прстен на вечноста.
Неговиот збор бил непосреден, јасен и искусен. Сите години што ги поминал подвизувајќи се во градината на Богородица, не престанал да Му благодари и да ја слави Пресвета Богородица и Христос за нивните благослови и божествени промисли во неговиот живот.
Духовни совети на блажениот отец Дионисиј од Колицу
Рече о. Дионисиј од Колицу: „Кога ја примивме (ќелијата) ’Св. Георгиј’ во Колицу, беше урнатина. Одевме со чамец по дрва од Филотеј и носевме камења на грб. Ниту еден ден не пропуштивме служба. Правевме 150 поклони и 12 стотки крстови дневно.“
„Многу се трудевме, но имавме радост во себе, голема радост. Лишувањето и подвигот што го правевме ни даваше радост. Тогаш имавме малку нешта. Сега имаме многу удобности, но немаме радост. Ние монасите станавме како некогашните побожни мирјани, а мирјаните се христијани само по име“.
„Овие (куќи, градини, ракотворби) се за овој живот. Но и без нив не можеме“.
„Најдобрата молитва се прави ноќе по сонот. Зашто тогаш умот е одморен и сосредоточен“.
„Кога правилото се извршува пред Црквата (ноќната служба), е злато; по службата е сребро, а преку ден бакар“.
„Двете крилја на монахот се неговото лично правило и службата во Црква. Двете треба да бидат без недостатоци“.
„Секоја вечер испитувај ги мислите свои, што си направил преку ден, и на секои две недели, најмногу, исповедај се пред духовник“.
„Царскиот пат за спиење е четири часа ноќе и два преку ден. Преку ден не е неопходно да спиеш, туку само да прилегнеш, според силите твои“.
„Ако имаш една заповед како правило и не можеш од некоја причина да ја исполниш еден ден, треба да ја направиш друг ден“.
„Она што најмногу му штети на младиот е многу спиење. Повеќе и од многу јадење“.
„Монахот треба да е на целата служба во Црквата: никогаш да не отсуствува, ниту да доцни, а уште помалку да си заминува порано, пред ‘со молитвите’“.
„Кога го правиш своето правило, да не примаш мисли на осудување за браќата, дека се небрежни, туку сам себе да се укоруваш дека ти си најгрешниот и дека ти го правиш тоа што си должен да го правиш, додека другите отци имаат добродетели што ти не ги гледаш“.
Преподобен Петрониј
Отец Петрониј е роден во 1914 година во селото Фаркaша, во округот Њамц, Романија. Од млад имал желба за монаштво и се замонашил во манастирот Њамц, а подоцна се преселил во манастирот Антим во Букурешт. Студирал на Богословскиот факултет во Букурешт, следејќи и настава по математика и филозофија.
Во 1978 година заминал на Света Гора, со втората генерација монаси испратени од Романската Патријаршија за духовна обнова на Скитот на Чесниот Претеча.
Во 1984 година бил избран за Дикеј на Скитот, а поради старост се повлекол во 2011. Долго време служел како библиотекар на Скитот. Двапати му била понудена патријаршиската катедра во Романија, но двапати одбил.
Отец Петрониј бил познат по смирението, љубовта и подвигот. Грчки и романски монаси подеднакво барале совети од него. До последните години стоел на нозе цела ноќ на бденијата.
Неговата погребна служба беше отслужена на 24 февруари 2011 година.
