Во Тбилиси се одржа завршниот собир на православниот проект за воспитување на ученици

На 27 април 2025 година, во младинскиот центар при Катедралниот храм на Света Троица во Тбилиси, се одржа завршната средба од проектот „Клубови за воспитување преку вредности“. Станува збор за заедничка иницијатива на Грузиската Православна Црква и Министерството за образование и наука на земјата, чија цел е да се изгради христијански однос кај учениците кон животот, семејството, татковината и општеството.

Настанот се одржа во присуство на Митрополитот Сенакиски и Чхороцки Шио (Муджири), местобљустител на Патријаршискиот трон на Грузиската Црква, како и претставници од Министерството за образование, свештенослужители и наставници, известува официјалната страница на Грузиската Црква. На настанот беа претставени ученички трудови, хорови настапи, театарски сценки и дискусии на важни теми од духовно-моралното воспитување.

Во своето обраќање, митрополитот Шио нагласи: „Хармоничното воспитување на личноста е невозможно без христијанските вредности. Овој проект им помага на децата не само да слушнат за верата, љубовта, пријателството и патриотизмот, туку и да почнат да живеат според тие вредности.“ Тој посочи дека, благодарение на заедничките напори на Црквата и државата, во изминатите две години во активностите на клубовите се вклучиле околу 1000 ученици, и интересот за проектот постојано расте.

Клубовите функционираат при училиштата и вклучуваат неделни средби на тинејџери со свештени лица и наставници. Се користат интерактивни формати: дискусии, екскурзии, претстави и средби со културни дејци. Еден од проектите, под името „Запознај го својот град“, ги воведува учениците во храмови, манастири, музеи и споменици, помагајќи им да го увидат живото христијанско наследство на својата татковина.

Заменичката министерка за образование Тамар Махарашвили во своето обраќање ја нагласи важноста на проектот за хармоничното воспитување на граѓанинот: „Ние се стремиме да воспитаме личност што ќе чувствува одговорност и кон себе и кон општеството. Овие клубови се чекор во таа насока.“

Извор: https://gorthodox.com/news-item/v-tbilisi-podveli-itogi-pravoslavnogo-proekta-po-vospitaniyu-shkolnikov