Војната против Серафим Роуз

Архијерејскиот собор на Руската задгранична Православна Црква (РПЦЗ) на 29 април 2026 година ја одобри понатамошната процедура за прославување на јеромонахот Серафим (Роуз), како што пренесовме, што пак, предизвика поларизирани реакции во православниот свет, особено во академските и либерално-ориентирани православни кругови.

Најостриот напад дојде од Сергеј Чапнин (поранешен главен уредник на „Журналот на Московската патријаршија“ и актуелен директор за комуникации на Центарот за православни студии на Универзитетот Фордам), кој тврди дека денешната РПЦЗ практично би го „предала“ самиот о. Серафим (Роуз) ако го канонизира. Според Чапнин, еклисиологијата на о. Серафим била толку радикално антиекуменистичка, што современата РПЦЗ – по обединувањето со Московска Патријаршија во 2007 г. – веќе не може да се смета за дел од она што Роуз го нарекувал „вистинско Свето Православие“. Во сличен тон, друг текст на Чапнин ја претставува можната канонизација како дел од поширок проект на „идеолошко православие“ во американски контекст. Според авторот, евентуалната канонизација на о. Серафим Роуз не би била само духовен чин, туку и „политичка канонизација“, која би ја зацврстила една идеолошка форма на православие: антиекуменска, антилиберална и апокалиптична.

Од друга страна, почитувачите на о. Серафим (Роуз) сметаат дека критиките се еднострани и дека свесно го сведуваат целиот негов духовен лик на обична партиска маскота. Во поддршка на неговата канонизација се нагласува дека тој, пред сè, беше монах на покајанието, молитвата и мисијата, човек кој вовел илјадници Американци во Православието. Неговите поддржувачи тврдат дека е неправедно неговото дело да се чита исклучиво низ политички и идеолошки категории, без да се земат предвид неговата лична светост, аскеза и духовно влијание.

Токму во овој контекст го предложуваме преводот на следниот текст од Мајкл В. Дејвис. Авторот се обидува да покаже дека нападите врз о. Серафим не се само расправа околу неколку богословски формулации, туку поширок судир околу идентитетот на современото Православие: дали тоа треба да остане цврсто приврзано за Преданието и светоотечкото сознание, или да се приспособува на модерната интелектуална и културна клима.


Војната против Серафим Роуз

Пишува: Мајкл В. Дејвис

„Ако досега на оваа земја живеел човек кој со целото свое срце го барал Бога, без оглед на неговите гревови или грешки – а, како што вели православната панихида: ’нема човек кој живеел, а да не згреши‘ – тоа беше отец Серафим Роуз.“

Вака напиша протопрезвитер Тома Хопко во својата проповед по повод 20-годишнината од упокојувањето на светиот. Тој ја одржа оваа беседа над гробот на отец Серафим во манастирот „Свети Герман Аљаски“ во Платина, Калифорнија.

Во последно време, некои поединци го спротивставуваат „мејнстрим“ Православието, отелотворено од луѓе како отец Тома Хопко, со „ригоризмот“ на Серафим Роуз. Ова, сепак, е илузија.

Точно е дека свети Серафим имаше остри зборови за менторот на Хопко, отец Александар Шмеман. Роуз го нарече Шмеман експонент на „источно-обредниот протестантизам“. Шмеман, од своја страна, можеби мислеше токму на Роуз кога го осудуваше „романтичното православие“.

Па сепак, Томас Хопко – во својата длабока пастирска мудрост и како резултат од ретроспективата – препозна дека Александар Шмеман и Серафим Роуз дадоа непроценлив придонес за Американската црква. Кој, во 2026 година, сè уште може да го негира ова?

Еден од оние кои ми паѓаат на ум е Сергеј Чапнин, директор за комуникации во Православниот христијански центар за студии при Универзитетот Фордам.

Чапнин работи на статија во четири дела во кои го напаѓа отец Серафим, насловена како: „Кога православието станува идеологија: За канонизацијата на Серафим Роуз“. До моментот на објавувањето на овој текст, беа објавени само првите три дела. Досега тој нема цитирано ниту една книга, статија или предавање од отец Серафим Роуз. Не се повикал на ниту еден податок од неговата биографија. Всушност, г-дин Чапнин не покажува никакво познавање за животот и делата на Роуз.

Целата серија е вежба за „обвинување со асоцијации“. Всушност, тој тврди дека Лоши Луѓе го сакаат отец Серафим; затоа, тој не треба да биде канонизиран. Според неговите сопствени зборови:

„Во американски контекст, канонизираниот отец Серафим речиси неизбежно ќе се користи како легитимација за еден многу специфичен пакет: анти-екуменизам, реторика на културни војни, апокалиптицизам со примеси на теории на заговор. Без оглед на неговата лична светост, тој исто така напиша многу нешта што се многу проблематични и со идеолошка содржина, и токму тоа ќе биде ставено во преден план.“

Повторно, г-дин Чапнин не цитира ниту еден од „проблематичните“ текстови на отец Серафим… веројатно затоа што не прочитал ниту еден.

Вистината е дека погледот на светот на отец Серафим созреваше со текот на времето. Секако, тој никогаш не стана екуменист – барем не според стандардите на Фордам. Но, како духовен отец, тој си постави мисија да ги лекува „лудите конвертити“ и „духовните бабуни“ од „болеста на правилноста“. Како што ги потсетуваше: „Првото и најважно воопшто не е ’правилноста‘, туку христијанската љубов и слога.“ Тој, исто така, се покаја за „про-зилотските“ статии што ги пишуваше во младоста.

Чапнин не го знае ова, затоа што (повторувам) не се потрудил да си ја заврши домашната задача. Секако, истото важи и за оние „духовни бабуни“ кои би го користеле Роуз како симбол за нивниот реакционерен анти-модернизам. И едните и другите го сведоа отец Серафим на карикатура; таа карикатура, исто така, се покажа како погрешна.

Ова е длабоката иронија на статијата на Чапнин. Таа е транспарентно и бесрамно идеолошка. Отец Серафим е дехуманизиран. Тој е сведен на ниво на карикатура. Редуциран е на обичен партиски симбол: републиканците го имаат слонот, демократите магарето, а „Ортоброс“* го имаат Серафим Роуз. Ни се вели едноставно да претпоставиме дека со канонизирањето на отец Серафим, епископите би го канонизирале и „Ортобросизмот“ – како Телото Христово да е составено од фракции, а не од луѓе.

Трагедијата во сржта на сето ова е што оние од групата „Ортоброс“ имаат уште многу да созреваат во својата вера… а, не би можеле да побараат подобар водич од отец Серафим!

Патем, ова не го кажувам во корист на г-дин Чапнин и компанија. Ако досега не вложиле напор да го разберат отец Серафим, се сомневам дека некогаш и ќе се обидат.

Напротив, ова го велам во корист на почитувачите на отец Серафим и на оние кои можеби за првпат го откриваат. И сè што би рекол е ова: Не плашете се! Не дозволувајте „интелектуалците“ да ве засрамат за да го игнорирате или да го омаловажувате отец Серафим. Дајте му шанса самиот да зборува за себе. Прочитајте една од неговите книги или дел од неговите писма.

Потоа, одлучете сами. Тоа е ваше право како граѓани. Тоа е ваша должност како рационални човечки суштества.

Можеби ќе сакате да започнете со следниот извадок од есејот на Роуз, „Потрагата по Православието“. „Но, веројатно најдлабокото и најпривлечно нешто кај Православието денес,“ пишува тој, „е неговата порака за љубовта“:

„Најобесхрабрувачкото нешто кај денешниот свет е тоа што стана толку студен и бездушен. Во Евангелието според Матеј, нашиот Господ ни кажува дека главна карактеристика на последните времиња ќе биде тоа што ’љубовта кај мнозина ќе се олади’ (Мт. 24, 12); а Апостолот на љубовта, свети Јован Богослов, ги бележи зборовите на нашиот Господ, дека главниот знак по кој се препознаваат Неговите ученици е љубовта што ја имаат еден кон друг. Највлијателните православни учители во поново време се токму оние кои биле најмногу исполнети со љубов, кои ги привлекуваат луѓето кон богатството на православната вера преку сопствениот пример на самопожртвувана љубов што се прелева: свети Јован Кронштатски, свети Нектариј Егински, нашиот архиепископ Јован Максимович…

Бидејќи сме исполнети со евангелското учење и се трудиме да живееме според него, треба да имаме љубов и сочувство за бедното човештво на нашите денови. Веројатно луѓето никогаш не биле понесреќни од човекот на нашето време, дури и со сите надворешни погодности и средства што ни ги нуди нашето општество. Луѓето страдаат и умираат поради недостиг на Бог (во нивниот живот), а ние можеме да помогнеме така што ќе им Го понудиме Бога. Љубовта кај мнозина навистина олади во нашите денови – но, ние да не бидеме студени. Сè додека Христос ни ја испраќа Својата благодат и ни ги загрева срцата, не треба да бидеме студени.“

Дали ова ви звучи како мисли на идеолог опседнат со „апокалиптицизам со примеси на теории на заговор“? Или, пак, отец Серафим ви остава впечаток на човек со бистар ум и нежно срце – човек со продорни согледувања за уникатните предизвици што Модерноста им ги поставува на христијаните, но и со жива увереност дека темнината на гревот и очајот никогаш нема да го надвладеат огнот на Божествената Љубов?

Ако се согласувате со второто, тогаш сте почнале да разбирате, зошто безброј православни христијани ширум светот почнаа да го почитуваат отец Серафим Роуз. Исто така, ќе почнете да разбирате зошто тие нема и не можат да престанат да го бранат од вакви мрзливи клевети.

Свети Серафиме Платински, моли Го Бога за нас.


* „Orthobros“ и „orthobroxy“ – термини кои означуваат дигитална субкултура на западни (главно американски) преобратеници во Православието, кои преку социјалните мрежи промовираат радикално конзервативна и националистичка интерпретација на верата.

Извор: https://uoj.news/defending-faith/87099-the-war-on-seraphim-rose