Минатата недела, за време на пастирската посета на Претстоителот на Руската задгранична православна црква, Митрополитот Источноамерикански и Њујоршки Николај, на Светата Земја, во манастирот на Маслиновата Гора во Ерусалим беше востоличена нова игуменија.
На 27 мај Митрополитот Николај се сретна со Неговата Светост Ерусалимскиот Патријарх Теофил, известува интернет страницата на Црковната мисија на Руската задгранична православна Црква во Ерусалим. На средбата Митрополитот Николај му ја претстави на патријарх Теофил монахињата Јудита, која беше назначена од Синодот на оваа црква за нова игуманија на манастирот „Вознесение Господово“ на Маслиновата Гора. Патријархот ја благослови и ѝ даде духовен совет за нејзиниот монашки призив.
Во четвртокот, за време на Божествената Литургија по повод храмовата слава – Вознесение Христово, таа беше свечено востоличена за игуменија. Литургијата ја служеа митрополитот Николај и Митрополитот Марко Берлински, кој пристигна во Светата Земја со група поклоници. На богослужбата присуствуваа и поглаварите на црковните мисии на Руската задгранична православна Црква и на Московската патријаршија во Светата Земја.
За време на Малиот вход беше прочитана синодската одлука за назначување на сестра Јудита за игуманија. Потоа митрополитот Николај изговори молитва за нејзиното воздигнување и ѝ стави златен крст на градите. Поранешната игуманија, монахињата Варвара, се повлече од должноста во јануари.
Новата игуманија беше придружувана до игуменскиот трон од двете свои претходнички. По Литургијата следеше литија околу храмот, по што митрополитот Николај ѝ го предаде игуменскиот жезол. Таа, исто така, доби икона со својата заштитничка – праведната Јудита од Ветулија.
На Литургијата присуствуваа и Патријархот Теофил, Митрополитот Аристарх од Констанција придружени од свештенослужители на Патријаршијата. Сестрите на манастирот му подарија на Ерусалимскиот Патријарх плаштаница на Пресвета Богородица, изработена во манастирот.
По богослужбата, сите присутни беа почестени со празнична трпеза во манастирската трпезарија.




















Извор: https://missionrocor.ru/tpost/v0nb6p80e1-novaya-nastoyatelnitsa-spaso-voznesensko преку: https://orthochristian.com/170208.html