Востоличување на новиот Синајски Архиепископ Симеон

Со особена свеченост, долична на чинот на воведувањето во тронот на новиот архиепископ на Синај, Фаран и Раито, г. Симеон, игумен на манастирот „Св. Екатерина“ на Синајската Гора, се изврши посетата на Неговото Блаженство Патријархот Ерусалимски г.г. Теофил, за да претстои на службата и да го пренесе благословот на пресветиот гроб Господов на Синајското братство.

Патријархот Теофил со својата придружба отпатува од Јордан во Египет, каде египетската Влада им приреди топол и свечен пречек, признавајќи ја значајната улога што ја има Сионската Црква, како место на помирување и искрено разбирање меѓу различните верски и етнички заедници на Блискиот Исток, и како духовен светилник кој ја излева светлината на Евангелието врз целата вселена, истовремено чувајќи ги Светите Места на Светата Земја.

Потоа Патријархот и придружбата се искачија на Гората Синај, каде во духот на братска љубов во Христа, беа топло пречекани од Синајските отци.

Во својата беседа на востоличувањето, кое се изврши во петокот, на 31 октомври 2025 година, Патријархот Теофил истакна дека овој чин претставува првенствено плод на благодатта на Светиот Дух и дело на Божјата промисла, нагласувајќи ја возвишената духовна одговорност на новиот Игумен. Обраќајќи се кон него, меѓу другото рече: „Ова востоличување не е само административен или канонски акт, туку првенствено духовен, ја потврдува вашата божествена мисија во Светиот Дух… Вие, почитуван брате, ја преземате оваа служба како домостроител и чувар на ова Свето Место, како пастир на овој автономен свет манастир и на XXIII епархија на нашата Ерусалимска Црква“.

Потоа Блаженејшиот, изразувајќи ја грижата на Сионската Црква за зачувување на Светите Места, упати повик:

„Кон почитуваните Египетски Државни Власти, да се погрижат за зачувување и заштита на светиот манастир, на неговиот древен свештен статус (status quo), и на светоста на околината на манастирот на Богочекорената Гора Синај, како што тоа било почитувано и сочувано до денес“.

И додаде:

„Во овој особено историски миг, кога овде се присутни истакнати личности, ги повикуваме сите да соработуваат за зачувување на ова свето место и неговата вековна традиција, со будна совест и со високо чувство на одговорност пред историјата, чии дел и сведоци стануваме сите“.

Дополнително, Патријархот имаше средба со Премиерот на Грчката Република г. Киријакос Мицотакис, со кого водеше топол и плоден разговор за прашања кои го засегаат Ерусалимската Патријаршија и општата состојба на Блискиот Исток. Неговото Блаженство имаше средби и со г-ѓа Александра Пападопулу, заменик-министер за надворешни работи, со г-ѓа Софија Захараки, Министер за образование, религии и спорт и г. Георгиос Каланѕис, генералeн секретар за верски прашања, за прашања поврзани со духовната, културната, хуманитарната и националната мисија на Ерусалимската Патријаршија.

Неговото Блаженство исто така имаше средба со д-р Ахмед Хано, министер за култура на Арапската Република Египет, со амбасадорот д-р Јасмин Муса, претставник на Министерството за надворешни работи на Арапската Република Египет, како и со претставникот на САД г. Мајкл Ригас за понатамошни разговори по прашања што се однесуваат на црковните работи и светите места на регионот.

Извор: https://jerusalem-patriarchate.info/xronikon/ενθρονισισ-του-σεβασμιωτατου-αρχιεπ/