Руско-американскиот православен весник, официјалниот периодичен весник на Црквата во Америка, од средината на 1890-тите до раните 1970-ти, сега е дигитализиран и е слободно достапен онлајн за прегледување и преземање.
Весникот, воглавно објавуван на руски јазик, беше основан како прв официјален периодичен весник на Епархијата на Алеутите и Алјаска во 1896 година. Служеше како основно средство за информирање на епархиското свештенство и верниците за настаните од животот на епархијата и за официјалните документи од канцеларијата, а исто така беше внимателно следен од архијереите, свештенството и владините претставници во предреволуционерна Русија, кои сакаа да бидат информирани за мисионерската епархија на Црквата во Америка.
Иако списанието беше првенствено на руски јазик, во текот на неговите рани децении, тоа повремено излегуваше двојазично, а во подоцнежните изданија одредени статии и документи се појавуваа на англиски јазик. Од 1902 до 1910 година, имаше посебен додаток на англиски јазик, чија содржина беше насочена кон претставување на Православието пред луѓето од другите вери, и тој целосно се разликуваше од рускојазичното издание на Весникот.
Првите двајца уредници на Весникот беа особено забележителни. Првиот, од 1896 година, беше отец (сега свети) Александар Хотовицки, кој беше уредник на Весникот и декан на храмот „Свети Никола“, во Њујорк, сè додека не ја напушти Америка во 1914 година. Во 1937 година, тој стана маченик за верата во Советскиот Сојуз. Негов наследник како на местото уредник, од 1914 до 1930 година, беше отец Леонид Туркевич (кој подоцна ќе стане митрополит Леонтиј). И двајцата свештеници беа високообразовани, плодни писатели, кои беа водачи на епархијата, вклучени во секој аспект од нејзиниот живот и способни елоквентно да ги преточат духот и визијата за животот на Црквата во зборови, дури и во поезија. Помеѓу другите значајни автори чии текстови се појавија на страниците на списанието во неговите рани години се свети Тихон, просветителот на Северна Америка, свети Рафаил, епископот Бруклински, свети Алексис Тот, исповедник и заштитник на православието во Америка, свети Јован Кочуров, и многу други. Во текот на својата историја, Весникот ги забележа важните црковни настани и значајните прашања од животот на Црквата. Така, на пример, историјата на сеамериканските Собори е опширно документирана на страниците на Весникот.
Весникот излегуваше од 1896 до 1973 година, со прекини во два наврати, од 1919 до 1921 година и од 1931 до 1935 година. И двата прекини беа поради тешките финансиски проблеми на Црквата. Првиот беше резултат на административните и економските превирања предизвикани од последиците од револуцијата во Русија, а вториот – заради Големата депресија. Со оформувањето на весникот „Православна црква“, во 1965 година, како официјална периодика на англиски јазик на Православната црква во Америка, откако потребата за објавување на руски јазик значително се намали, печатењето на Весникот конечно беше прекинато во 1973 година.
Пребарувањето во изданијата на Весникот од неговите први 25 години е олеснето со индексот на содржини во последниот број од годината. Друга истражувачка алатка која се однесува конкретно на материјалот од Алјаска во Весникот е обемното издание со наслов „Имиња и места на Алјаска во рускиот православен американски весник (1896-1973): индекс и означена библиографија“, составен од истакнатата историчарка од Алјаска Барбара С. Смит, и објавен во 1980-тите години.
Овој нов проект да се направи Весникот широко достапен во дигитална форма беше заеднички напор на Православната црква во Америка и Руската православна патријаршиска катедрала „Свети Никола“ во Њујорк, во соработка со Јавната библиотека на Њујорк. Пристапот преку Интернет е овозможен од Хати-Труст, кој е посветен на зачувувањето во дигитализиран формат на најголемата збирка од знаења што ја дозволува Законот за авторски права.
Оваа речиси целосна дигитална верзија на Весникот е клучен ресурс за секој што ја истражува историјата на православието во Северна Америка. Ќе се преземат напори да се заврши дигитализацијата и на неколкуте исчезнати години, преку користење на печатените збирки на Весникот во архивите, библиотеките на семинариите на Православната црква во Америка.
Овој проект е во знак на претстојните значајни историски јубилеи во 2025 година – стогодишнината од упокојувањето на светиот патријарх Тихон, просветителот на Северна Америка, 55-годишнината од автокефалноста на Православната црква во Америка и 60-годишнината од упокојувањето на митрополитот Леонтиј. Архипастирскиот мандат на свети Тихон во Америка и доделувањето на автокефалноста на Православната црква во Америка беа главните теми документирани на страниците на гласникот на почетокот и крајот на неговата историја, а речиси шестдецениската служба во Америка на митрополитот Леонтиј го опфаќа речиси целиот период на излегување на Весникот.
Адресата на овој значаен ресурс е: https://catalog.hathitrust.org/Record/103050667?type%5B%5D=all&lookfor%5B%5D=Russko-amerikanskii%CC%86%20pravoslavnyi%CC%86%20vi%EF%B8%A0e%EF%B8%A1stnik&ft=#viewability
Извор: https://www.oca.org/news/headline-news/valuable-historical-resource-now-available-online