XXV Меѓународна средба на монаси и монахињи започна во недела во 21:00 часот со целовечерно бдение, на кое началствуваше настојателот на манастирот „Свети Онуфриј“ во Јаблечна, архимандритот Петар. По полноќ, започна Божествената Литургија, која во придружба на монаси од различни манастири ја служеше Архиепископот на Биелск г, Григориј. За време на богослужбата, пееше хорот на монахињите од манастирот во Турковица.
Во понеделникот наутро, непосредно пред почетокот на конференцијата, Неговото Преосвештенство, Епископот на Супрасл, г. Андреј, во придружба на свештенството отслужи молебен, барајќи помош од Бога за успешен почеток на средбата.
Тој потоа ја отвори работата на конференцијата и во име на Неговото Блаженство Митрополитот Варшавски и на цела Полска г.г. Сава, ги поздрави присутните архијереи: Архиепископот на Биелск г. Григориј, Епископот на Семијатич г. Варсонофиј, како и почитуваното собрание на монаси и монахињи. Во воведниот говор, Епископот Андреј ги запозна сите со темата на средбата. Освен гости од Полска, на средбата присуствуваше и претставник на Православната Црква на Бугарија, јеромонах Паладиј.
За време на средбата, претставниците на сите полски манастири ги запознаа присутните со почетоците и честопати многу тешката историја на нивните манастири, кои обично се појавиле во неповолни услови, меѓу борбите со надворешни и внатрешни проблеми. Предавачите исто така ги презентираа и начините на организирање на внатрешниот живот во манастирите.
Особено беше нагласена улогата на сегашниот Митрополит Сава, кој учествуваше во создавањето и обновувањето на сите сегашни манастири, и имаше огромен придонес во организирањето на духовниот живот. По Втората светска војна, во Полска постоеја само два манастира, кои во тој период се соочуваа со разни проблеми.
Тогашниот архимандрит Сава, прво како настојател на манастирот во Јаблечна, поучи многу монаси, од кои некои подоцна станаа водачи во монашкиот живот на помладите генерации. Веднаш по преземањето на Бјалостокско-Гданската Епархија, Епископот Сава започна напорни обиди за враќање на манастирот во Супрасл, оживувајќи го монашкиот живот кој бил прекинат таму. Во 1992 година основаше женски манастир посветен на Раѓањето на Богородица во Бјалисток-Дојлиди, кој сега функционира во Зверки, а потоа во 1995 година основаше уште еден женски манастир во Војново. Митрополитот Сава значително придонесе за проширувањето на манастирот на Светата Гора Грабарка. Во 2001 година го основа манастирот Свети Димитриј Солунски во Саки, а во 2007 година го основа Домот на Св. Екатерина во Залешани. Покрај овие примери, Неговото Блаженство учествуваше и во основањето на манастирите во Турковица и Висова.
Ова беше нагласено за време на конференцијата. Авторитетот на Митрополитот Сава секогаш ги иницирал и поддржувал сите активности кои ги граделе и зајакнувале структурите на Полската православна црква, духовниот живот во манастирите и парохиите, како и на сите други полиња на црковниот живот.
По завршувањето на средбата, сите монаси, браќа и монахињи се вратија во своите манастири за да продолжат да се трудат за слава на Бога и за спасение на сите.
Извор: https://www.orthodox.pl/xxv-miedzynarodowe-spotkanie-mnichow-i-mniszek-w-supraslu/