Со чувства на благодарност кон човекољубивиот Бог и во духот на љубовта и дарувањето што извира од најдлабоката порака на Рождеството на нашиот Господ Исус Христос, и оваа година беше реализирана хуманитарната акција „Оброци на љубовта“, како плод на соработката меѓу Митрополија на Лимнос и Свети Евстратиј, на Црквата на Грција и Школата за насочено образование во Лимнос – известува грчкиот црковен портал „Ортодоксија“.
Акцијата, која се реализира веќе петта година по ред, опфати подготовка и поделба на двесте топли оброци за оние кои се во тешка животна состојба, во пресрет на светите денови на Божик. Оброците беа подготвени со посебна грижа и љубов од страна на наставниците и студентите на Школата, со поддршка и благослов на локалната Црква, а беа дистрибуирани преку парохиите на островот.
Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот на Лимнос и Свети Евстратиј г. Јеротеј, ги упати своите татковски желби и срдечно им се заблагодари на сите што придонесоа за реализацијата на акцијата, истакнувајќи дека дејствителната љубов кон ближниот претставува живо сведоштво на нашата вера и суштински израз на христијанскиот живот.
Црквата им честиташе на директорката, раководството, наставниците и студентите на Школата, како и на директорот на Болницата во Лимнос за духот на волонтерство и социјална чувствителност што го покажуваат, и им посака Господ да го укрепува секое дело на љубов и служење кон човекот.







