На 4 февруари 2025 година во Руската информативна агенција ТАСС се одржа прес-конференција посветена на годишнината од работата на СОС-линијата за социјална помош на Руската Православна Црква. Во текот на целиот период на работа, на СОС-линијата пристигнале повеќе од 290.000 повици. Тоа е повеќе од 200 повици дневно, односно околу 20 повици на час во текот на денот. Учесниците на прес-конференцијата дискутираа за работата на операторите, статистиката, трендовите и приказните на луѓето на кои им било помогнато.
Прес-конференцијата ја отвори претседателот на Синодскиот оддел за односи на Црквата со општеството и медиумите, Владимир Легојда. „СОС-линијата помага да разбереме од што луѓето имаат потреба. Повиците се примаат 24/7“, изјави Владимир Легојда. „На СОС-линијата може да се јави не само оној кому му треба помош, туку и оној кому му се обратиле за помош, а тој не знае како да помогне. Тогаш тој може да се јави и да каже дека постои некаков проблем.“ Легојда ги потсети присутните на Христовите зборови: „Вистина, ви велам: доколку сте го направиле тоа за еден од овие Мои најмали браќа, за Мене сте го направиле“ (Мат. 25, 40). Тој нагласи дека суштината на христијанската милосрдна работа е стремежот кон Христос.
За оние кои пружаат помош на тие што се во потреба зборуваше в.д. претседателот на Синодскиот оддел за црковна добротворна дејност и социјална служба, протојереј Михаил Потокин. „Ова не е само службена обврска за плата, туку служење на ближниот. Нашите помошници на теренот се верници и свештеници од Руската Православна Црква, кои можат да разговараат со човекот. Секое барање внимателно се проверува пред да биде обработено. Црквата има разгранета мрежа на парохии и социјални служби, што ни овозможува да ја провериме секоја молба, без разлика од кој дел на земјата доаѓа“, истакна протојереј Потокин.
Во прес-конференцијата учествуваше и раководителот на СОС-линијата за социјална помош на Руската Православна Црква, ѓакон Игор Куликов. „На линијата работат 17 оператори, но тие не се само оператори – тие се и социјални работници. Тие не само што ги евидентираат барањата и даваат совети, туку, во итни случаи – на пример, ако барањето пристигне во текот на ноќта – веднаш работат на негово решавање“, објасни ѓакон Куликов.
Од вкупно 290.000 повици што пристигнале на СОС-линијата, 90.000 биле барања за помош, 65.000 биле повици со барање за психолошка поддршка и духовен совет од свештеник, а 12.000 повици биле од луѓе кои сакале да помогнат – пред сè како волонтери.