За првпат црковна заедница во Ангола ѝ се присоедини на Руската Православна Црква

Во пресрет на Рождеството Христово, првата заедница во Ангола, која брои повеќе од 200 лица, се присоедини на Руската Православна Црква, пренесува Патријархија.ру.

На 5 јануари 2025 година, во главниот град на Ангола, Луанда, руски свештеник со анголско потекло, клирик на Екатеринодарската епархија, јереј Рафаил Да Консеисао, го изврши таинството Крштение на 27 локални жители.

Потоа, отец Рафаил го изврши чинот на присоединување на уште повеќе од 200 верници кои преминаа од неканонска структура во Православната Црква. Потоа свештеникот одржа Божествена Литургија, на која новопросветените се причестија со Светите Христови Тајни.

Овие луѓе за Руската Православна Црква дознале преку интернет во 2022 година. Тие стапиле во контакт со претседателот на Мисионерскиот оддел на Патријаршискиот егзархат на Африка, отец Георгиј Максимов. Водачот на заедницата, поранешен „свештеник“ од неканонската структура, Антониј, ја изразил својата желба целата заедница да стане дел од Православната Црква.

Антониј и неговата заедница се покажале подготвени да ги исполнат потребните услови. Самиот Антониј веднаш се согласил да го остави свештеничкиот чин и да премине во Руската Православна Црква како мирјанин. Подоцна, тој завршил онлајн-курсеви на Патријаршискиот егзархат на Африка, организирани во Брегот на Слоновата Коска.

Во рамките на активностите на Патријаршискиот егзархат на Африка, руските мисионери неколкупати ги посетувале огласените и одржувале просветни беседи. Катехизацијата на заедницата повеќе од една година ја спроведувале јереј Георгиј Максимов, А.В. Љулка и јереј Рафаил Да Консеисао.

Во 2024 година, со Антониј се сретнал Патријаршискиот егзарх на Африка, митрополитот Зарајски Константин, за време на својата архипастирска посета на африканскиот континент.

Во текот на целото тоа време, заедницата го изучувала Православието, луѓето се собирале на утрински и вечерни молитви и со големо нетрпение го очекувале своето прифаќање во вистинската Христова Црква.

Извор: http://www.patriarchia.ru/db/text/6190105.html