Руското Библиско Друштво и Институтот за превод на Библијата известија дека е излезен од печат првиот целосен превод на Библијата на бурјатски јазик.
Овој проект е плод на речиси 30-годишна работа на теолози, преведувачи, филолози и добротворци, кои финансиски помогнаа во работата на Библијата. Текстот на Библијата на бурјатски јазик доби висока оценка од православни и протестантски библисти, свештенослужители и обични верници.
Благослов за овој труд беше добиен од Митрополитот на Улан-Уденски и Бурјатски г. Саватиј.
Преводот исто така помина научна рецензија на Државниот универзитет на Бурјатија „Доржи Банзаров“ и Институтот за јазик на Руската академија на науките. На тој начин беше потврдена теолошката и лингвистичката точност на Библијата на бурјатски јазик.
Подготвувачите на изданието истакнаа дека се надеваат дека овој превод на Библијата, направен со почит кон локалниот јазик и националните традиции, ќе служи како основа за длабоко духовно разбирање на Светото писмо и на христијанските вредности меѓу Бурјатите. Тиражот им ќе биде подарен на христијаните од Бурјатија од различни деноминации.
Презентацијата на Библијата на бурјатски јазик ќе се одржи во Бурјатија во октомври оваа година.
Бурјатскиот јазик припаѓа на групата монголски јазици и е официјален јазик на Републиката Бурјатија, во состав на Руската Федерација, лоцирана во источниот дел на Сибир. Таа република се наоѓа јужно од езерото Бајкал и граничи со Монголија на југ. Главен град на Бурјатија е Улан-Уде. Регионот е познат по својата уникатна култура и историја, која е мешавина од руските и бурјатските традиции, како и по природните убавини, вклучувајќи го и езерото Бајкал, најдлабокото езеро во светот.
Освен во Бурјатија, бурјатскиот јазик се зборува и во некои други региони на Русија: Република Тува, Задбакалската и Иркутската област, како и во северните делови на Монголија и во некои делови на автономната област Внатрешна Монголија во Кина.