На 7 јули 2024 година, во градот Кјонџу, кој се наоѓа во југоисточниот дел на Република Кореја, за првпат беше отслужена православна Литургија, на која началствуваше Корејскиот архиепископ Теофан (од Руската православна црква). Нему му сослужуваа јеромонах Теофан Пожидаев и јероѓакон Нектариј Лим. Одлуката за почеток на редовни богослужби во Кјонџу беше донесена како одговор на барањето од страна на православните верници, кои живеат таму. Првата богослужба во градот ја посетија не само жители на Кјонџу, туку и верници од други блиски градови. За одржување на Литургијата беше изнајмен мал објект во една градска четврт, каде е сконцентрирано рускојазичното население.
По завршување на богослужбата, на верниците им се обрати архиепископот, кој на парохијаните од новооснованата општина им го честиташе почетокот на литургискиот живот во градот, и им посака понатамошен активен развој на парохискиот живот. Исто така, тој им изрази особена благодарност на сите кои придонеле, во краток временски рок, да се обезбеди објектот за извршување на богослужбите. Понатамошни планови на парохијата се: изработка на иконостас и снабдување со црковни предмети.
Градот Кјонџу бил престолнина на старокорејската држава Сила, и бил еден од најразвиените градови во источна Азија. Современиот Кјонџу е типичен јужнокорејски град, со средна големина. Меѓутоа, многуте знаменитости, меѓу кои се и оние кои се на списокот на светско наследство на УНЕСКО, го прават Кјонџу, заедно со Сеул, да биде еден од туристичките центри на Јужна Кореја.