Интернет страницата на Антиохиската Патријаршија ја објави заедничката изјава на патријарсите во Сирија, од 8 март 2025 година, по повод најновите насилства во земјата. Во продолжение изјавата ја пренесуваме во целост.
Последните денови Сирија беше сведок на опасна ескалација на насилство, бруталност и убиства, што резултираше со напади врз невини цивили, вклучително жени и деца. Домовите се оштетени, нивната светост – осквернета, а имотите се ограбени – сцени кои јасно го изразуваат огромното страдање што го преживеа сирискиот народ
Христијанските цркви остро го осудуваат секој чин што го загрозува граѓанскиот мир, а ги осудуваат и масакрите насочени кон невините цивили и повикуваат на итен прекин на овие ужасни дејства, кои се во остра спротивност со сите човечки и морални вредности.
Црквите повикуваат и на брзо создавање услови кои се погодни за постигнување на национално помирување меѓу сирискиот народ. Тие ги поттикнуваат напорите за воспоставување на околности што ќе ја олеснат транзицијата кон држава која ќе ги почитува сите нејзини граѓани и ќе ги постави темелите за општество засновано на еднакво граѓанство и вистинско партнерство, ослободено од логиката на одмаздата и исклучувањето. Истовремено, тие го потврдуваат единството на сириската територија и ги отфрлаат сите обиди за нејзина поделба.
Црквите ги повикуваат сите засегнати страни во Сирија да ги преземат своите одговорности, да стават крај на насилството и да бараат мирни решенија кои го поддржуваат човечкото достоинство и го зачувуваат националното единство.
Се молиме Бог да ги заштити Сирија и нејзиниот народ и мирот да завладее низ целата земја.
Јован Десетти, Православен патријарх на Антиохија и на целиот Исток
Мор Игнатиј Ефрем Втори, Сириски (Јаковитски) патријарх на Антиохија и на целиот Исток
Јосиф Абси, Мелкитски Унијатски патријарх на Антиохија и на целиот Исток