Заедничката православно-католичка литија во Хелсинки за празникот Рождество на Пресвета Богородица ќе стане годишна традиција

Во неделата на 8-ми септември, во Хелсинки, се одржа заедничка литија на католиците и православните од престолнината на Финска, која започна од Успенскиот храм и заврши во Катедралата на Свети Хенрих од Упсала. Во литијата учествуваа над триста верници од православната и католичката заедница. Поворката на празникот Рождество на Пресвета Богородица, кој се слави во двете конфесии, беше организирана по заеднички договор помеѓу Неговото Високопреосвештенство Лав, Архиепископ на Хелсинки и цела Финска (Финска Православна Црква) и Неговото Преосвештенство Рајмо, епископ на Хелсиншката епархија (Католичката Црква во Финска).

Се планира заедничката празнична поворка во центарот на престолнината да стане годишна традиција. Следната година правецот на поворката ќе се смени, па почетната точка ќе биде Катедралата на Свети Хенрих од Упсала. Во 2025 година празникот Рождество на Пресвета Богородица ќе се слави во понеделник, па затоа поворката ќе се одржи во недела, на 7-ми септември 2025.

Финската православна црква е единствена Православна црква која се раководи по новиот календар и за одредување на Пасхалијата и празнувањето на Велигден. Одлуката да се премине на новиот календар е донесена веднаш откако Финската црква ја смени јурисдикцијата, за време на Октомвриската револуција, и премина од Руската црква во Цариградската патријаршија, каде што е автономна црква. Бројот на верници на Финската црква е во пад, од 81.000 верници во 1940 година, сега брои околу 56.000. Повеќе за Финската православна црква можете да прочитате тука: Кратка историја на Финската православна црква.

Извор: https://www.ort.fi/ru/православно-католическая-процессия/