Заедничко сослужување на досегашниот и новопоставениот Донецки Митрополит

На 4 ноември, на празникот на Казанската икона на Пресвета Богородица, во храмот „Свети Никола“ во Донецк се одржа свечена богослужба по повод овој празник. На Литургијата сослужуваа Митрополитите Владимир – новопоставениот епархиски архијереј на Донецката епархија и Иларион – досегашниот епархиски архијереј на оваа епархија и Архиепископите Варнаваа на Макеевка и Варсонуфиј на Новоазовск.

По завршувањето на богослужбата, претстоеше взаемно поздравување меѓу поранешниот и сегашниот надлежен архијереј. Прв со својот архипастирски збор се обрати Митрополитот Иларион, кој 28 години ја предводеше Донецката катедра:

„Денес заедно ја отслуживме Божествената литургија и ги вознесовме нашите молитви кон Богородица, да биде нашата Застапничка. Таа 28 години беше моја заштитничка овде, и нека биде исто така Вашата молитвена застапничка пред Престолот на Севишниот.

Сакам, драги Владика, да Ви посакам достојно да ја продолжите оваа мисија на донецките архиереи.

Драги Владика, Ви посакувам успех! Ги сакам дончаните, тие се добри луѓе, цврсто веруваат. Сакам да ги сакате исто така како што јас ги сакав нив. И нека Ви помага Господ во Вашето архипастирско служење под закрилата на Пресвета Богородица и Приснодева Марија, нашата застапничка! Господ да Ве чува!“

Во својот одговор, Митрополит Владимир му се заблагодари на својот претходник за неговите заложби за доброто на Светата Црква:

„Ваше Високопреосвештенство, драги владика митрополит Иларион, Вашиот долгогодишен труд, кој го вложувавте овде повеќе од четвртина век, не беше залуден, туку беше труд вложен за доброто на Христовата Црква. Овој соборен храм, многубројните други храмови во спасуваната катедрална градска област на Донецк и другите места на православниот Донбас се сведоштво на ова.

Сакам, драги владика, да Ви се заблагодарам за сѐ што направивте за Донецката земја, за нејзините православни жители, за да Црквата Божја тука се зацврсти и развие во својата спасителна мисија. И луѓето, влегувајќи во Божјите храмови, гледајќи ја нивната убавина, да можат да се приклучат кон големото богатство на православната вера што Христовата Црква го чува во нашата татковина повеќе од илјада години и продолжува да го проширува за спасение на своите верници.

Мислам дека на моите зборови благодарност, драги Владика, се придружуваат сите присутни во овој храм: архипастирите, свештениците, верниците, како и оние многубројни свештенослужители, монаси, кои во различни краишта на Донбас се молат за Вас како архипастир кој многу се потрудил за доброто на Црквата.“

Со решение на Светиот архијерејски синод на Руската православна црква од 24 октомври 2024 година, Високопреосвештениот Митрополит Донецки и Мариуполски г. Иларион беше одлучено да биде пензиониран, заради неговата возраст, слабото здравје, во услови на регион каде што се одвиваат воени дејствија. На негово место беше поставен досегашниот Митрополит Владивостошки и Приморски г. Владимир.

Во врска со оваа одлука, неколку епархиски информативни канали на Украинската православна црква објавија „Изјава на архијереите на Украинската православна црква за дејствијата на Синодот на Руската православна црква во однос на УПЦ, во време на моментално окупирани територии на Украина“, потпишан од 31 архијереј – како што известува Сојузот на православни журналисти. Во изјавата се изразува несогласност со решението на Руската православна црква и барање за негово поништување и запазување на границите на канонската Украинска православна црква.

Осврнувајќи се на оваа реакција, вомировениот Митрополит Донецки г. Иларион, во текот на богослужбата на 4 ноември, изјави: „Познато ми е дека има некакви изјави и некакви мислења. Ние не можеме да слушаме мислења. Секој од нас Христијаните, кои неколку пати во денот ја читаме молитвата Оче наш, говориме – ’да биде волјата Твоја’. Затоа, ако не ѝ се покориме на волјата Божја ние нема да бидеме Христијани, туку некакви бунтовници.“

Донецката епархија премина од јурисдикцијата на Украинската православна црква во Руската православна црква во јули 2023 година, согласно со одлуката на духовенството на епархијата.

Извор: https://eparhiadonetsk.ru/2024/11/04/mitropolit-vladimir-i-mitropolit-ilarion-sovershili-sovmestnuju-molitvu/