Прашањето околу историскиот манастир „Света Екатерина“ на Синајската Гора останува чувствително, бидејќи од една страна доцни издавањето на Претседателски декрет со кој египетската држава треба да го признае новиот Архиепископ Симеон, а од друга страна, отворените прашања внатре во Братството по внатрешната криза од минатото лето ги држат случувањата во застој.
Од грчката дипломатија и Министерството за надворешни работи постои воздржан оптимизам дека на крајот ќе има позитивен развој на нештата. Сепак, јасно е дека конечниот збор за евентуалниот договор ќе го има манастирското братство, а за тоа да се случи неопходно е да постои единство. Неодамнешната посета на Каиро на министерот за надворешни работи на Грција, во рамките на трилатералната соработка Грција – Кипар – Египет, барем на ниво на официјални изјави, не донесе ништо ново во однос на прашањето за Синај. Сепак, извори од владата наведуваат дека Грција и Египет продолжуваат да го држат решавањето на ова прашање високо на агендата – известува грчкиот црковен портал „Ортодоксија“.
Ситуацијата дополнително се усложнува во оваа фаза со нова објава, овој пат од францускиот весник „Либарсион“, во која се зборува за „мегатуристички проект“ што египетската влада го промовира во подножјето на Мојсеевата Гора, во срцето на Синај, и кој, како што се наведува, „го загрозува начинот на живот на бедуините и автономијата на манастирот што ја чува носогорливата капина“.
Во неодамнешно интервју за весникот на Националниот и Каподистриски универзитет во Атина Синајскиот архиепископ Симеон, зборувајќи за туристичкиот развој во поширокиот регион на Синај, изјави:
„И ова е прашање кое, доколку се ставиме на местото на Египет, ќе го разбереме поинаку. И не може човек, а уште помалку човек Божји, кој има ширина на срцето, да не се стави себеси на местото на другиот. Така, разбираме што значи туризмот за Египет, кој има преголем пораст на населението и сериозни проблеми, дури и со глад. Но не може да се оди во крајности. Најдоброто е тоа да се прави на организиран начин, со меѓусебна согласност, без манастирот да биде оптоварен до таа мера што би се довело во опасност неговото постоење. Надградувањето на блискиот аеродром, преку кој повеќе патници, поклоници и обични туристи ќе можат да стигнат поблиску до манастирот и на полесен начин, неизбежно значи зголемување на туризмот. Постои загриженост, но кој простор ја нема таа загриженост? Зарем истото не се случува и со Света Гора? Оттука, темата на туризмот не се однесува само на Синај“.
Паралелно, Архиепископот Симеон ги изрази својот оптимизам и надеж дека прашањето на манастирот Синај нема да остане на одлуката на апелациониот суд во Исмаилија, која во еден свој дел, со негативен предзнак, ја доведува во прашање сопственоста над овие свети места. Тој истакна:
„На судско ниво, манастирот веќе поднесе жалба со барање за поништување до највисокиот суд на Египет, но нашата поголема надеж не е во продолжувањето на судските процеси, туку во изнаоѓањето решение преку преговори со египетската страна. Воедно, го очекуваме и издавањето на претседателскиот декрет за нашето признавање како Архиепископ – нè известија дека тоа наскоро ќе се случи – и со тоа ќе бидат обновени и привилегиите на манастирот. Затоа силно веруваме, не толку во судскиот пат, колку во она што го нарекуваме ‘обнова на привилегиите’“.

