Започна посетата на Бугарскиот патријарх Даниил во Ерусалимската Патријаршија

На 25 септември 2026 година, по покана на Неговото Блаженство Ерусалимскиот патријарх Теофил III и со одлука на Светиот Синод на Бугарската Православна Црква, започна првата мирна посета на Неговата Светост Бугарскиот патријарх и Софиски митрополит Даниил на Ерусалимската Патријаршија, која ќе трае од 25 до 30 септември 2026 година.

Заедно со патријархот Даниил во црковната делегација се и Неврокопскиот митрополит Серафим, Мелничкиот епископ Герасим – главен секретар на Светиот Синод, протоѓаконот д-р Дејан Коруновски, д-р Александар Смочевски – патријаршиски советник и преведувач, како и други придружни лица.

Во 17:30 часот бугарската црковна делегација свечено беше пречекана кај портата „Јафа“ од претставници на Ерусалимската Патријаршија, од каде што тргна литија кон храмот „Воскресение Христово“ (Гробот Господов). Пред храмот, пред зградата на Ерусалимската Патријаршија, патријархот Даниил беше пречекан од Ерусалимскиот патријарх Теофил III, по што двајцата продолжија во свечена литија до црквата.

Двајцата претстоители се поклонија пред Плочата на Помазанието – местото каде што било помазано телото на Спасителот. Пред Кувуклијата, параклисот на Божјиот Гроб во Ерусалим, беше отслужен благодарствен молебен, а посетителите се поклонија пред светиот и животворен Гроб на нашиот Господ и Спасител Исус Христос.

Пред параклисот, патријархот Даниил го прочита евангелското четиво од Марко 16:1-8, во кое се раскажува за јавувањето на ангелот кој им го благовестил Христовото Воскресение на жените мироносици.

Неговото Блаженство Ерусалимскиот патријарх Теофил упати официјално поздравно слово до Неговото Светејшество Бугарскиот патријарх.

„Оваа мирна посета на Вашето Блаженство не е само значаен црковен настан, туку исповедање на нашата заедничка вера и живо сведоштво за единството во Христа на Светата Православна Црква“, истакна патријархот Теофил III, нагласувајќи дека посетата има особено значење во сегашните околности, кога Светата Земја и нејзините жители се соочуваат со искушенија поради војните и поделбите.

Од своја страна, Неговото Светејшество патријарх Даниил упати одговорно слово, во кое ги истакна вековните врски меѓу Бугарската и Ерусалимската Патријаршија, како и помошта што Ерусалимската Црква ѝ ја пружила на Бугарската Црква при надминувањето на расколот во 1945 година.

„Ние никогаш нема да ја заборавиме миротворната и помирителна улога на Вашите достојни претходници – Ерусалимскиот патријарх Кирил II на Соборот од 1872 година, а подоцна и на блаженоупокоените Ерусалимски патријарси Никодим и Дамјан, кои со особена наклонетост се однесуваа кон нашиот народ“, рече патријархот Даниил.

Тој истакна дека Бугарската Православна Црква со благодарност ја памети посредничката улога на Ерусалимската Црква во преговорите за укинување на расколот во 30-тите години на минатиот век, сè до неговото конечно надминување на 22 февруари 1945 година.

Патријархот Даниил нагласи и дека особено усрдно се моли за мир и добра волја меѓу сите народи и вероисповеди во Светата Земја, како и во целиот свет погоден од спротивставувања и конфликти.

Двајцата предстојатели и свештенослужителите се поклонија пред светиот олтар на Голгота – местото каде што Спасителот бил распнат. Потоа беше извршена литија до Ерусалимската Патријаршија, каде што се одржа и првата официјална средба меѓу Ерусалимскиот и Бугарскиот патријарх.

Ерусалимскиот патријарх Теофил III му го врачи на патријархот Даниил највисокото одликување на древната Патријаршија – орденот „Крст на Гробот Господов“.

На пречекот на Бугарскиот патријарх Даниил во Ерусалимската Патријаршија присуствуваа и Ерусалимскиот ерменски патријарх, како и претставници на римокатоличката, коптската, сиро-јаковитската и етиопската заедница.

Вакви мирни посети на Ерусалимската Патријаршија претходно оствариле Бугарските патријарси Кирил и патријарх Максим, соодветно во 60-тите и 70-тите години на минатиот век.

Започна мирното посещение на Българския патриарх Даниил в Йерусалимската патриаршияЗапочна мирното посещение на Българския патриарх Даниил в Йерусалимската патриаршия

Извор: https://bg-patriarshia.bg/news/zapochna-mirnoto-poseshtenie-na-balgarskia-patriarh-daniil-v–1