Заупокоена света Литургија за Зографскиот игумен Амвросиј во Софија

На 28 јануари, во храмот „Света Недела“ во Бугарската престолнина Софија, беше отслужена заупокоена света Литургија за блаженоупокоениот игумен на Зографскиот манастир на Света Гора, схиархимандрит Амвросиј. Литургија ја отслужија Нивните Преосвештенства, Браничкиот епископ Пахомиј – прв викар на Софискиот митрополит, и Левкискиот епископ Климент – викар на митрополитот на САД, Канада и Австралија, а доскорешен собрат на Зографскиот манастир, кои служеа заедно со монаси од братството на Зографскиот манастир, монаси од Софиската епархија, свештеници од главниот град и ѓакони. 

По светата литургија, Неговата Светост, Бугарскиот патријарх и Софиски митрополит Даниил, отслужи трисагија за упокоениот игумен, по што имаше кусо обраќање, во кое рече:

„Го испраќаме на неговиот последен земен пат нашиот возљубен схиархимандрит Амвросиј – игумен на Зографскиот свет манастир. Дедо Амвросиј беше избран за игумен во скромен монашки чин. Го будеше довербата и сигурноста кај своите браќа дека со својата кротка природа, чистотата на својот живот и најмногу со длабоката вера и надеж во Бога, ќе успее добро да ги води работите на светата обител, која во тоа време се соочуваше со многу предизвици. Неговиот избор беше оправдан. По неговото назначување, манастирот се обнови, се појавија нови браќа кои сакаа да живеат монашки живот. Започна реставрацијата на зградите, изградбата на нови, уредувањето на богатата библиотека во современа форма, нејзина дигитализација, издавање на духовни книги, кои беа многу потребни во 90-тите години. И покрај потешкотиите, дедо Амвросиј се радуваше што луѓето можеа да ги читаат.“ 

„Схиархимандрит Амвросиј, иако немаше високо богословско образование, тој богословствуваше со својот живот. Секој што се сретнал со него и ги слушнал неговите едноставни, но исполнети со смисла зборови, ја видел неговата кроткост и смирение. Тоа ги смируваше страстите, ги кротеше непокорните, ги ублажуваше противречностите…“

Молитвено учество во богослужбата зедоа Претседателот Румен Радев, Претседателот на Народното собрание, доц. Наталија Киселова, како и бројни православни христијани, меѓу кои духовни чеда на схиархимандрит Амвросиј, поклоници и добротвори на Зографскиот манастир.

Извор: https://bg-patriarshia.bg/news/zaupokoyni-bogosluzhenia-v-pamet-na-shiarhimandrit-amvrosiy