Завршување на академската година 2024/2025 на Православниот богословски факултет при Универзитетот во Прешов

На 26 јуни 2025 година, во капелата на светиот апостол и евангелист Јован Богослов при Православната богословска семинарија на Универзитетот во Прешов, беше отслужена света литургија по повод завршувањето на академската година 2024/2025 на Православниот богословски факултет при истиот универзитет. Литургијата ја отслужи поглаварот на Православната Црква на Чешките земји и Словачка, Неговото Блаженство, Архиепископот Прешовски и Митрополит на Чешките земји и Словачка г.г. Ростислав, заедно со духовниците – професори на факултетот и соработници на семинаријата.

По возгласот „И да бидат милостите на големиот Бог…“, Митрополитот Ростислав изврши ѓаконска хиротонија над дипломецот Штефан Пружински.

По службата, Митрополитот Ростислав им го честиташе на присутните завршувањето на академската година:

„Дозволете ми и мене, во овој надворешно обичен, но духовно необичен ден, да ви честитам и да Му заблагодарам на Бога за изминатата академска година. Ако секому од вас му поставев прашање – која е главната мисија на нашиот богословски факултет – веројатно ќе добиев различни одговори. Некој би рекол: ’да се запознае човекот со Светото Писмо, со делата на Светите Отци, со литургиското и духовното богатство на православната Црква’. Друг би рекол: ’да ги зацврсти духовно студентите’. Но јас верувам дека најважната мисија на факултетот е: да ги доведе студентите до лично искуство на средба со живиот Бог. Одличен е тој дипломец кој не само што го запалил огнот на љубовта кон Бога во своето срце, туку успева да го разгорува тој оган и во срцата на другите.“

На новиот ѓакон Штефан Пружински му се обрати со зборовите:

„Оној чиј именик го носите, стана првиот ѓакон и истовремено првиот маченик на Христовата Црква. Влегувате во служба која има своја убавина, но и свои опасности. Ѓаконската служба, како и секоја духовна служба, е и возвишена и одговорна. Често ќе се соочувате со формализам во богослужбата и во духовниот живот – трипати да се прекрстиш, дванаесетпати да кажеш „Господи помилуј“, педесет поклони… Ако не го исполниш надворешниот облик со духовна содржина, сето тоа ќе има мала вредност. Се молам Божјата благодат, која го укрепува слабото и го пополнува недостатокот, да ви помогне да напредувате ’од сила во сила и од слава во слава’.“

Извор: https://www.eparchiapo.sk/sk/dokumenty/aktuality/spravodajstvo/ukoncenie-akademickeho-roka-20242025-na-pbf-pu-v-presove