Фотографија: sppoc.org
Бројот на христијани во САД, на возраст од 18 години или постари, кои од друга христијанска конфесија преминале во Православната вера значително е зголемен во 2022 и 2023 година, според новиот извештај на Институтот за православни студии на колеџот Свети Константин во Хјустон.
Во истиот период пораснат е и бројот на приеми со целосно крштение, наместо само со миропомазание.
Институтот спроведе анкета меѓу свештенството во 20 парохии, во шест јурисдикции, во 15 држави на САД, во текот на летото и почетокот на есента 2023 година, а извештајот со резултатите од анкетата е објавен во јули годинава.
Наодите на Институтот покажуваат дека бројот на преобратениците не се променил многу во периодот од 2013 до 2019 година. Во 2020 имало забележителен пад, а потоа следи пораст во 2022 година, кога бројот на преобратениците се зголемил повеќе од двојно во споредба со просекот од 2013 до 2019 година. Бројот на верници кои преминале во Православие до есента 2023 година исто така е значително поголем од претходниот просек.
Од 2013 до 2018 година, повеќе приеми во православната вера биле преку миропомазание, одошто со целосно крштение. Но, во 2019 и 2020 година, веќе има повеќе крштевања, а почнувајќи од 2021 година, бројот на крштевања е станат значително поголем од бројот на приеми само со миропомазание, така што во 2022 година бројот на приеми со крштевање е двојно поголем од бројот на приеми со миропомазание.
Институтот претпоставува дека најверојатното објаснување за овој тренд е тоа што некои парохии го смениле својот пристап, и започнале целосно да ги крштеваат преобратениците од римокатолицизам и протестантство. Кај шест од 20-те опфатени парохии има премин од голем број на миропомазанија до само мал број, или нула приеми само со миропомазание.
Во извештајот се претставени и статистички податоци засновани на пол, возраст, семеен статус, христијанска конфесија од која потекнуваат и причини за преминување во Православие.
Извештајот е достапен тука.