Знамиња на УЧК поставени на оградата на српски православни храмови во Липљан

Рашко-призренската епархија на Српската Православна Црква најостро го осуди инцидентот во Липљан, Косово и Метохија, каде што две лица од албанска националност поставиле знамиња на УЧК и на Република Албанија на оградата на црковниот двор во кој се наоѓаат средновековниот храм „Воведение на Пресвета Богородица“ од XIV век и храмот на светите маченици Флор и Лавр.

Според Епархијата, инцидентот се случил вечерта на 10 август, кога припадници на Косовската полиција ги затекнале двајцата сторители при поставувањето на знамињата, ги привеле и ги отстраниле знамињата од црковната ограда.

Рашко-призренската епархија најави дека, по официјалното добивање на податоците за идентитетот на приведените, ќе поднесе кривична пријава до надлежното обвинителство. Од институциите бара случајот да не биде третиран како обичен прекршок или вандализам, туку да се испита дали станува збор за поттикнување етничка и верска омраза, заплашување на преостанатите Срби и намерно сквернавење на заштитено верско и културно наследство.

Епархијата потсетува дека слични инциденти во истиот црковен комплекс се случиле и во декември 2025 и јуни 2023 година, кога било отстранувано знамето на Српската Православна Црква. Според неа, неоткривањето и неказнувањето на сторителите во претходните случаи создало чувство на неказнивост.

Во соопштението се наведува и дека положбата на преостанатите Срби во Липљан е особено тешка. Од некогашните неколку илјади Срби, денес во градот живеат само неколку стотици, а двата храма претставуваат нивно духовно средиште и едно од последните видливи сведоштва за вековното српско православно присуство.

Епархијата истовремено изрази загриженост поради најавеното постепено вклучување на Косовската полиција во безбедносниот систем околу манастирот Високи Дечани. Таа смета дека сегашните околности не даваат доволна основа за намалување на непосредната меѓународна заштита на манастирот и побара КФОР да ја задржи првата одговорност за неговата безбедност.

Од КФОР, ЕУЛЕКС, ОБСЕ, Европската Унија и дипломатските претставништва Епархијата очекува јавна осуда на инцидентот, внимателно следење на постапката и конкретно дејствување за спречување на слични случаи.

Епархијата ги повика преостанатите Срби во Липљан и околината да останат мирни и достоинствени и да не подлегнуваат на провокации. „На омразата нема да одговориме со омраза, но нема ни да молчиме пред неправдата“, се наведува во соопштението.

Извор: https://spc.rs/sr/news/aktuelno//17474.zastave-ovk-na-ogradi-srpskih-pravoslavnih-hramova-u-lipljanu.html