Руската православна црква го разгледа документот „Fiducia suplicans“ на Римокатоличката црква

На 20 февруари 2024 година, во онлајн формат, се одржа пленарна седница на Синодската библиско-богословска комисија на Руската православна црква. Седницата ја водеше претседателот на комисијата, Митрополитот Будимпештански и Унгарски Иларион.

Основна точка на дневниот ред на седницата беше разгледувањето на текстот од декларацијата „Fiducia suplicans“ (за која веќе има анализа на Литургија.мк), прифатена од Конгрегацијата по веронаука на Римокатоличката црква. Документот е потпишан од префектот на Конгрегацијата, Кардиналот Мануел Фернандес и од секретарот на доктрирарниот оддел Армандо Матео, а е потврден и потпишан од Римскиот папа Франциск. Ватикан официјално го објави на 18 декември 2023 година. Синодската библиско-богословска комисија го проанализира документот по налог на Светејшиот Патријарх Московски и на сета Рус Кирил.

Седницата започна со воведно слово на Митрополитот Иларион, во кое тој направи краток осврт на тековните насоки на работата на комисијата. Исто така, тој ги соопшти задачите, за кои е потребно решение во рамките на пленумот.

Учесниците на седницата ги изразија своите ставови во врска со богословската содржина на декларацијата „Fiducia suplicans“, во која, првпат во историјата, Католичката црква предлага форми на благословување на „истополови врски“. Членовите на библиско-богословската комисија беа едногласни дека конкретната новина претставува грубо отстапување од христијанското морално учење.

Резултатите од работата на Синодската библиско-богословска комисија, во однос на ова прашање, ќе му бидат доставени на разгледување на Патријархот Кирил.

Извор: http://www.patriarchia.ru/db/text/6104515.html