На 12 февруари 2024 година се одржа првото редовно заседание на Светиот Синод на Црквата на Кипар годинава. Главна тема на заседанието беше информацијата од Министерството за образование на Кипар во врска со предметот на сексуално образование во училиштата. Со посебно соопштение, Синодот се обрати во врска со активностите на поранешниот светогорски монах Сава Лавриотски.
Во продолжение следи соопштението на Синодот:
Светиот Синод на Црквата на Кипар се состана денес, понеделник, 12 февруари 2024 година, на своето прво овогодишно заседание, под претседателство на Блаженејшиот Архиепископ на Кипар г.г. Георгиј и работеше на следново:
1. Беа приложени извештаите на архијереите во врска со нивното учество во меѓуцрковните и меѓурелигиските разговори. Членовите на Светиот Синод ќе ги проучат извештаите и ќе ги изложат своите ставови.
2. Ја потврди одлуката на шестчлениот синодски суд за расчинување од секакво свештеничко достоинство на доскорешниот свештеник Петар Христодулос (од Панагија кај Пафос) и негово враќање во редот на лаиците, поради негово непризнавање на никакво црковно началство.
4. Од министерката за образование и од службеници на министерството за образование, кои за тоа беа поканети, беше информиран за предметот на сексуално образование во училиштата. Во дискусијата што следеше, членовите на Светиот Синод повторно го нагласија разбирањето на фактот дека денес децата имаат пристап до многу извори (интернет и сл.), од кои е возможно да добиваат погрешни информации за ова прашање. Затоа, потребно е тие да бидат одговорно информирани. Меѓутоа, нагласија дека треба да се земат предвид: возраста на децата при секој степен на информирање, добрите обичаи на општеството и на нашата татковина, предлозите на родителите, и дека треба да бидат исклучени од предметот и од училиштето луѓе кои не се просветари. Со министерката се дискутираше и генерално за нашето образование, за неговите нивоа и цели. Беа поставени прашања и беа дадени предлози, на кои министерката даде одговори и ги објасни програмите на Министерството.
Соопштение во врска со Сава Лавриотски
Светиот Синод на Црквата на Кипар ѝ го обрнува вниманието на нејзината христоименита полнота и ја советува да одбегнува секаква врска со таканаречениот „светогорски Старец Сава Лавриотски“. Тој е поранешен светогорски монах, кој е исклучен од манастирот „Велика Лавра“ на Света Гора (каде што беше монах), бидејќи самиот се стави надвор од Црквата, спротивставувајќи му се на игуменот на манастирот и на целокупното братство.
По неговото отстранување од Света Гора, горенаведениот продолжува, со злоупотреба, да го употребува називот „монах светогорец“ и „Лавриот“, па прави обиколки, проповедајќи непослушност кон Црквата и одвојување од неа.
Нагласуваме дека спомнатиот расофор не ѝ припаѓа на Црквата, бидејќи не спомнува ниту еден епископ, и неговата активност на Кипар е не само црковно, туку и национално опасна.
Извор: https://churchofcyprus.org.cy/90892, https://churchofcyprus.org.cy/90894#