Пишува: Протојереј Александар Тодоровски
Здружението на православното свештенство од Торонто секоја година ја прославува Неделата на Православието во различни катедрални православни цркви во Торонто. Оваа година домаќин на прославата беше Грчката Православна катедрална црква – „Благовештение на Пресвета Богородица“ (јурисдикција на Канадската Архиепископија на Цариградската Патријаршија). Прославата се одбележа на 24 март 2024, со заедничка Вечерна служба на која чиноначалствуваше Неговото Преосвештенство Епископ Патарски Атинагора – Декан на Патријаршиската православна теолошка Академија во Торонто, во сослужение со бројно свештенство од различни Помесни Православни Цркви во Торонто.
Од Македонската Православна Црква, со благослов на Неговото Високопреосвештенство Митрополит Американско-канадски г. Методиј, сослужуваа парохиските свештеници од Македонскиот Православен Епархиски храм „Св. Климент Охридски“ – Торонто, свештеноереј м-р Сашо Целески и протоереј Александар Тодоровски, протоереј Александар Зашов од МПЦ „Св. Недела“ – Ејџекс којшто е член на Извршниот Одбор на Здружението, а сослужуваше и пензионираниот свештеник и поранешен Архиерјски намесник протоереј-ставрофор Трајко Босеовски. На Вечерната богослужба присуствуваше Епархискиот делегат г. Митко Роштанковски придружуван со потпретседателот Христијан и со верници од МПЦ „Св. Климент Охридски“ – Торонто.
Епископот Атинагора се обрати на верниот народ и на свештенството, одржувајќи пригодна беседа, а по Вечерната богослужба беше организирана вечера од страна на Црковната заедница.
Здружението на православното свештенство во Торонто, основано со благослов на Канадската конференција на православните епископи, е независна, непрофитна, доброволна организација на свештенството кое што служи во канонските епархии на Помесните Православните Цркви имајќи свои парохии и црковни општини во Торонто, Онтарио и околните региони.
Здружението е основано со цел:
- Обединувајќи се, да се овозможат редовни средби на православното свештенство осврнувајќи се на областите од взаемен интерес во врска со религиозното учење и проповедањето на верските начала, доктрини и обреди поврзани со источното православно христијанство.
- Да се поддржат заедничките активности во проповедањето и мисионерството на православието со религиозни, музички и образовните програми низ подрачјето на Торонто.
- Да ги координира сеправославните богослужби коишто се сослужуваат во согласност со начелата и доктрините на источно православната христијанска вера.