Дали навистина Цариградската патријаршија издава Томоси со историски имиња?

По доделувањето на Томосот за автокефалија на Македонската православна црква – Охридска архиепископија од страна на Српската православна црква, во македонската јавност се разви дискусија за прашањата околу издавањето на Томос за автокефалија во Православната црква.

Помеѓу останатите аспекти на оваа проблематика, се појави тврдењето дека Цариградската патријаршија издава Томоси со историските титули на Црквите.

Би било интересно да се провери ова тврдење, врз основа на самите документи, на самите Томоси што ги издавала Цариградската патријаршија, во периодот од 19-от век до денес.

Тоа се следните документи:

  1. Томосот на Црквата на Грција од 1850 година
  2. Томосот на Романската православна црква од 1885 година
  3. Томосот на Српската православна црква од 1922 година
  4. Томосот за автономија на Чехословачката црква, од 1923 година
  5. Томосот на Полската православна црква од 1924 година
  6. Томосот на Албанската православна црква од 1937 година
  7. Томосот на Бугарската православна црква од 1945 година
  8. Томосот на Грузиската црква од 1990 година
  9. Томосот за автокефалија на Црквата на Чешка и Словачка, од 1998 година
  10. Томосот на Православната црква на Украина од 2019 година

Од овие документи се покажува дека е сосема неточна тезата дека Цариградската патријаршија давала Томоси со древните називи на црквите. Напротив, во сите овие Томоси се уважува исклучиво актуелната државно-политичка реалност, а древното именување воопшто не се спомнува, ниту како додавка, во името на Црквата кога го добива Томосот.

1. Томос на Црквата на Грција од 1850 година

„..Решивме со силата на Сесветиот и Чиноначален Дух, преку овој СИНОДСКИ ТОМОС,  Православната Црква во Кралството на Грција, која Го има за Началник и Глава, како и целата Соборна и Православна Црква, Господа и Бога и Спасителот наш Исус Христос, да биде канонски автокефална, признавајќи го за највисок црковен орган постојаниот Синод составен од архијереи, избрани по редоследот на ракополагање, предводен од сегашниот Преосвештен Митрополит Атински, и управувајќи ги црковните работи според божествените и свештени канони, слободно и без пречки од секое светско мешање… Така, преку овој Синодски Томос, го устројуваме Светиот Синод во Грција и ја препознаваме како духовна сестра…“

2. Томос на Романската православна црква од 1885 година

„…Ја објавуваме и прогласуваме Црквата на Кралството Романија за автокефална и целосно самоуправна преку овој свештен Патријаршиски и Синодски Томос, признавајќи ја со нејзиниот Свет Синод како сакана сестра во Христос…“

3. Томос на Српската православна црква од 1922 година

„…Во врска со Богоспасуваното Кралство на Србија, бидејќи по Балканските војни од 1912 и 1913 година и по завршувањето на Првата светска војна, територијата на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците е проширена и обединета во едно Кралство на Србите, Хрватите и Словенците… беше прогласено нивното административно спојување со Српската црква во една автокефална црква под името ’Автокефална Обединета Православна Српска Црква на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците’… Ја благословува црковната независност од Патријаршискиот Вселенски Трон на Константинопол и приклучувањето кон Автокефалната Обединета Православна Српска Црква на претходно споменатите области, признавајќи го и прогласеното обединување на Автокефалните Цркви на Србија, Црна Гора и Карловци и двете далматински епархии, ја прифаќа новоформираната Света Автокефална Обединета Православна Српска Црква како сестра во Христа, која ги има и ги ужива сите права на автокефалност, согласно со прописите и редот во Светата Православна Црква…“

4. Томос за автономија на Чехословачката црква, од 1923 година

„…Поради синодското откровение на Светиот Дух, утврдуваме дека отсега православните христијани кои живеат во од Бога чуваната Република Чехословачка, по ова востановување ќе бидат обединети во единствена црковна област, со името ’Православна Архиепископија на Чехословачка’… Архиепископијата ќе содржи три епископии, од која прва е таа во Прага, чиј епископ ја носи титулата ’Архиепископ Прашки и на цела Чехословачка’…“

5. Томос на Полската православна црква од 1924 година

„… Соборно и во Светиот Дух, ја признаваме автокефалното организирање и основање на Светата Православна Црква во Полска, благословувајќи ја оваа наша духовна сестра, да се управува и раководи независно и автокефално, според поредокот и надлежностите на другите Свети Православни Автокефални Цркви, признавајќи го како највисока црковна власт Светиот Синод составен од православните архијереи, предводен од Високопреосвештениот Митрополит Варшавски и цела Полска…“

6. Томос на Албанската православна црква од 1937 година

„…Соборно, во Светиот Дух, изјавуваме и објавуваме… дека православните области и заедници вклучени во Богоспасуваната албанска држава отсега ќе бидат собрани и обединети во една самостојна и автокефална црковна организација под името ’Православна автокефална црква на Албанија’, а оваа Црква, наша духовна сестра, отсега ќе се управува самостојно и самостојно според поредокот и суверените права на другите свети православни автокефални цркви… Светиот Синод за свој Претстоител ќе го има Високопреосвештениот Архиепископ Тирански и на сета Албанија…“

7. Томос на Бугарската православна црква од 1945 година

„…Бидејќи и Црквата во границите на благословената бугарска држава, која од своето основање и низ вековите била духовно поврзана со нашата Света Христова Велика Црква во Константинопол, и долго време била под директна канонска јурисдикција на нашиот Свет Апостолски и Патријаршиски Вселенски Трон… нашата смиреност, заедно со Високопреосвештените Митрополити, браќа и сослужители… земајќи ги предвид светите канони и долготрајната практика на Црквата… соборно во Светиот Дух, го благословуваме автокефалното уредување и организирање на Светата Црква во Бугарија, и одредуваме таа, именувана како ’Света Православна Автокефална Црква на Бугарија’, наша духовна сестра, да се управува и води самостојно и автокефално, во согласност со редот и суверените права на останатите Православни Автокефални Цркви. Нејзината највисока црковна власт ќе биде Светиот Синод, составен од архијереи, чиј Претстоител е Митрополитот Софиски и Егзарх на цела Бугарија…“

8. Томос на Грузиската православна црква од 1990 година

„…Решивме, нашата смирена личност заедно со најсветите и најчесни митрополити околу нас, браќа и драги сослужители во Светиот Дух, да го прифатиме со благоволение апелот на нашата сестра, светата Православна Црква на Грузија, до најсветата Црква на Константинопол, првиот престол во црковниот поредок, и да дадеме наш благослов, признание и официјално одобрение за автокефалноста и за независното организирање на оваа Црква, што е предмет на конечна одлука на идниот свет вселенски собор, кој единствено го осигурува вечно и без предрасуди за сите единството во верата и канонскиот црковен поредок на нашата света Православна Црква… Синодски, во Светиот Дух изјавуваме и прогласуваме дека најсветата Црква на Грузија ѝ припаѓа, како и претходно – и да се смета за таква – на групата на сестрински автокефални Православни Цркви, според нејзиниот древен устав и организација на самоуправа… Ја уверуваме дека, под името ’света автокефална Црква на цела Грузија’, ќе биде позната како наша духовна сестра и дека ќе може да ги управува и раководи своите работи во независност и автокефалност, според канонскиот поредок и правата кои се важечки меѓу другите свети автокефални Православни Цркви, имајќи го како Началник и Глава нашиот Господ Бог и Спасител Исус Христос… Светиот Синод составен од канонските православни архијереи на Грузија, е предводен од Архиепископот на Мцхета и Тбилиси и Католикосот на цела Грузија…“

9. Томос на Црквата на Чешка и Словачка од 1998 година

„…Нашата Смиреност, заедно со архијереите, Високопреосвештените Митрополити кои го сочинуваат Светиот и свештен Синод на Светата Велика Христова црква, водени од светиот Дух… го прифаќаме поднесеното барање на Светиот Синод на локалната автономна Православна Црква во Чешка и Словачка, ја цениме за ревноста и на духовниците и на лаиците за православната вера, со овој патријаршиски и синодски Томос, ја издигнуваме локална православна црква во овие земји од автономна во автокефална … Највисокото раководство на локалната автокефална црква во Чешка и Словачка е Светиот Синод на епархиските архијереи кои се активни во пастирската служба…“

10. Томос на Православната црква на Украина од 2019 година

„Ние, заедно со најсветите митрополити и скапоцените браќа и сослужители во Светиот Дух, одговорно од страна на Великата Христова Црква… одлучуваме и објавуваме дека целата православна црква на Украина, вклучувајќи ги свештените митрополии, архиепископии, епископии, манастири и парохии и сите црковни установи, под водство на Устроителот на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква, нашиот Бог и Спасител Исус Христос, ќе биде од сега канонски автокефална, независна, и самоуправна, за Прв во црковните работи имајќи и признавајќи го секогаш канонскиот Претстоител, кој ја носи титулата ’Блаженејши Митрополит на Киев и на цела Украина’. Не се дозволува какво било додавање или одземање од оваа титула, без согласност на Црквата на Цариград. Тој ќе биде Претседател на Светиот Синод, составен од архијереите… кои служат во географските граници на Украина… Покрај тоа, со овој патријаршиски и синодски Томос, ние ја признаеме и ја прогласуваме за наша духовна ќерка Црквата во Украина и им препорачуваме на сите православни цркви низ светот да ја признаат и да ја спомнуваат под името ’Света Црква на Украина’, со седиште во историскиот град Киев… Сите архијереи и другите клирици имаат право на жалба кон Вселенскиот Патријарх, кој има канонска одговорност да носи конечни одлуки во однос на епископите и другите клирици на локалните цркви…“

Заклучок

Од приложените документи се забележува дека практиката на Цариградската патријаршија при издавањето на Томос за автокефалија е да се уважи моменталната состојба и именување на државата во која се наоѓа помесната православна Црква која го добива Томосот.

Грчката црква е именувана „Православна Црква во кралството Грција“ во 1850 година, што ја одразува државно-политичката реалност на тогашната грчка држава која била кралство. Слично, Романската црква во 1885 година е именувана „Црква на Кралството Романија“, Српската црква во 1922 година е именувана „Автокефална Обединета Православна Српска Црква на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците“, Полската православна црква во 1924 – „Православна црква во Полска“, Грузиската црква во 1990 година – „Православна Црква на Грузија“ итн. Истовремено, сите овие помесни православни цркви во соодветните Томоси се назначени како „сестри“.

Црквата на  Чешките земји и Словачка во 1923 година, кога добива Томос за автономија од Цариградската Патријаршија е именувана „Православна Чехословачка Архиепископија“, а подоцна, во 1998 година, кога добива Томос за автокефалност од истата патријаршија е именувана „Православна Црква во Чешка и Словачка“. Во двата случаи се употребени имиња кои ја одразуваат моменталната државно-политичка состојба.

Во ниту еден случај не е употребена историска титула. На пример, во Томосот на Српската православна црква воопшто не се ни спомнува древниот назив „Пеќка патријаршија“, како што и во Томосот на Бугарската православна црква не се спомнува „Трновската патријаршија“. Додека, пак, во Томосот на Грузиската црква е спомнато дека во минатото имала автокефалност под името „Ибериска“, но сепак актуелното име што го доделува Константинополската патријаршија е „Црква на Грузија“. Слично, и за „Црквата во Чешка и Словачка“ не е даден називот „Моравска“, а за Грчката православна црква не се користи називот „Атинска архиепископија“ или некое друго древно именување.

Во однос на именувањето, истата практика ја гледаме и во Томосот на Православната црква на Украина (ПЦУ), каде се уважува актуелната државно-политичка реалност. Единствено во овој Томос црквата која добива признавање не е означена како „сестра“, туку како „ќерка“. Во истиот Томос постојат и други одредби кои ја намалуваат независноста на ПЦУ, одредби кои не постојат во другите Томоси кои ги наведовме, но тоа е тема за некоја следна анализа.

Исто така предмет за некоја следна анализа е темата „кој во православната црква има право да издава Томос?“, односно дали е тоа ексклузивно право само на Цариградската патријаршија, или пак секоја автокефална црква има право да даде Томос кога се работи за територија под нејзина канонска јурисдикција. Во секој случај, прифаќањето на автокефалијата е предмет на соборна одлука на сите помесни православни цркви, како што е јасно кажано во Томосот што Цариградската патријаршија ѝ до додели на Грузиската православна црква: „признание и официјално одобрение за автокефалноста и за независното организирање на оваа Црква, што е предмет на конечна одлука на идниот свет вселенски собор, кој единствено го осигурува вечно и без предрасуди за сите единството во верата и канонскиот црковен поредок на нашата света Православна Црква.“

Значење за Македонската православна црква

Имајќи го сето ова предвид, се поставува прашањето: „Зошто, недоследно со вековната практика на Цариградската патријаршија, сега се настојува да се даде исклучиво историско именување на Црквата во Македонија, не како додавка (Македонска православна црква – Охридска архиепископија), туку како главно именување?“

Одговорот е дека со тоа се осигурува бришење на името „Македонија“, и сите изведени зборови од него, во именувањето на Црквата за внатрешна и за надворешна употреба.

Очигледно, зад ова барање не стојат никакви еклисиолошки принципи, ниту востановена практика на Првопрестолната Црква, туку одредени нецрковни принципи – дали дневно-политички, дали национал-историски или некој трет вид – таа анализа и квалификација ја оставаме на други проучувачи.

Давањето на историско име не значи признавање на историската поврзаност, ниту, пак, признавањето само под актуелното име означува непризнавање на историската поврзаност со древните цркви. Поврзаноста со Пеќката патријаршија не само што никој ниту ѝ ја оспорува, ниту ѝ ја негира на Српската православна црква, туку и е вклучена во титулата на Српскиот Патријарх, иако не се спомнува во Томосот за автокефалија.