Согласно со преданието, првиот којшто го проповедал Евангелието во Грузиската земја бил светиот апостол Андреј Првоповикан. Сепак, најголем чекор кон покрстувањето на народот била проповедта на Света Нина, во IV век. Таа била роднина на Светиот Великомаченик Георгиј, кој исто така е многупочитуван во Грузија, и неговата икона е на грбот на Грузиската Црква. Се смета дека и самото име на земјата – Грузија, потекнува од името на овој светител.
Во тоа време територијата на денешна Грузија се состоела од два дела – Царството Иберија, и Царството Колхида. Се смета дека основата на Ибериското царство започнува со освојувањата на Александар Македонски, поради кои дошло до обединување на племињата на тој простор во едно царство, кое, пак, после распадот на Александровото Царство, било подвластено на Селевкидите. Ова царство во IV век по Христа, во времето на царот Мијран го прима христијанството како државна религија. Во покрстувањето на народот учествувале и епископи и свештеници од Константинопол, испратени од самиот Цар Константин.
Во IV и V век, ова Ибериското царство црковно било под јурисдикција на Антиохиската црква. Во V век, Ибериската Црква добива автокефалност од Антиохиската Патријаршија. Во XI век јуридсикцијата на Ибериската Црква се проширува на запад, се оформува ново Грузиско царство, и од тогаш таа добива ранг на Патријаршија. Нејзините Патријарси се нарекуваат „Католикоси“. Ова се смета за „златно доба“ на Грузиската држава и на Грузиската црква. Приближно во ова време на Света Гора се востановува грузискиот манастир „Ивирон“, кој е трет во хиерархијата на светогорските манастири.
По паѓањето на Источното римско царство под власт на Отоманите, Грузија останува без моќен помошник и заштитник, и е оставена само на своите сили. Во периодот од XIII до XVIII век, Грузија бива напаѓана, поделена и освојувана од Монголите, Тимур, Отоманската Империја, и од Персиските царства. Црквата во тоа време не останува обединета, туку се разделува на Грузиска и Абхазиска црква. Дури со издигањето на моќното Руско царство, Грузија добива можност да добие помош и заштита од Православна земја.
На почетокот на XIX век, источна Грузија бива присоединета кон Руското царство. Грузиската црква го изгубила автокефалниот статус, а нејзиниот Синод бил под управа на Синодот на Руската православна црква. За извесно време дури и богослужбениот јазик бил заменет од грузиски во црковнословенски.
По Октомвриската револуција Грузија за кратко време добива независност, и во тоа време, во 1917 година, Грузиската православна црква ја прогласува својата автокефалност. Но, советските лидери од Грузиско потекло: Јосиф Џугашвили – Сталин, и Серго Орџоникадзе иницираат кревање на советска револуција во Грузија, потпомогнато од Црвената Армија, по што Грузија станува Советска Социјалистичка Република, а Грузиската црква трпи притисоци како и на другите места во Советскиот Сојуз.
Во екот на Втората светска војна, водачот на СССР, Грузиецот Јосиф Џугашвили – Сталин, започнува потолерантна политика кон црквата во државата, ослободувајќи голем број затворени епископи и свештеници за да се молат за Божја помош во војната против окупаторските војски. Во 1943 година Руската Православна Црква ја признава независноста на Грузиската Православна Црква и сослужува со неа.
По распадот на Советскиот Сојуз, Грузија стекнува државна независност, а Грузиската православна црква во 1990 година бива признаена за автокефална од страна на Цариградската Патријаршија. Цариградската Патријаршија издава Томос со кој ја признава автокефалноста на Грузиската православна црква. Единствено не ѝ го признава историскиот континуитет на патријаршијата, заради што во диптихот ја запишува на последно место помеѓу патријаршиите. Истото го прават и останатите тнр. елинофонски цркви, додека во диптисите на останатите цркви Грузиската црква стои на погорно место, бидејќи се смета дека автокефалијата на Грузиската црква е од 1917 година.
Самата Грузиска црква ја смета 1917 година како година на обновување на автокефалноста, и како јубилеј го празнува датумот 25 март, кога во 1917 година била возобновена автокефалноста на црквата.
* * *
Во Томосот кој беше издаден од Цариградската Патријаршија, помеѓу останатото, читаме дека а) иако е издаден Томос, конечното признавање останува да се потврди на сеправославно ниво, односно на вселенски собор и б) дека Антиохиската патријаршија во V век ѝ доделила автокефалија на Грузиската Црква:
…Решивме, нашата смерност, заедно со светите и чесни митрополити околу нас, браќа и драги сослужители во Светиот Дух, да го прифатиме со благоволение апелот упатен од нашата сестра, светата Грузиска Православна Црква, до светата Црква во Константинопол, првопрестолна во црковниот поредок, и да дадеме наш благослов, признавањето и официјалното одобрување на автокефалноста и самостојното уредување на оваа Црква, што е предмет на конечна одлука на идниот свет Вселенски Собор, кој единствено гарантира, вечно и без предрасуди, за единството во верата и канонскиот црковен поредок на нашата света Православна Црква.
Следствено, ние изјавуваме синодски, во Светиот Дух и прогласуваме дека Светата Грузиска Црква припаѓа како и порано – и треба да се смета како таква – во групата сестрински автокефални Православни Цркви, под нејзиното древно устројство и организација на самоуправување; устројство на уредување, исто така посведочено од Балсамон, кој пишува: „(…) зашто тие велат дека во времето на самиот свет патријарх Петар Антиохиски, во големиот Божји град, имало синодска седница според чија одлука Црквата на Иберија е слободна и автокефална (…)“ (Ралис-Потлис, Збирка на божествени и свети канони, Атина 1852, том II, стр. 172). Притоа, ја уверуваме дека под името „Света автокефална црква на цела Грузија“, таа ќе биде позната како наша духовна сестра и дека ќе може да управува и да раководи со своите работи во независност и автокефалност, според канонскиот поредок и правата што важат помеѓу другите свети автокефални православни цркви, кои го имаат за Водач и Поглавар нашиот Господ, Бог и Спасител Исус Христос, препознавајќи ја и почитувајќи ја како прва во канонскиот и црковниот поредок нашата Вселенска столица, а имајќи го како своја врховна црковна административна власт Светиот синод составен од канонските православни архијереи на Грузија, Синод со кој претседава Архиепископот на Мцхета и Тбилиси и Католикосот на цела Грузија…