
Православната Црква во Америка е одделна самостојна Православна Црква на Северноамериканскиот континент чија јурисдикција се протега во САД, Канада и Мексико.
Таа ги има своите зачетоци во пристигнувањето на осум православни мисионери од рускиот манастир Валаам, во 1794 година на Алјаска, која тогаш била дел од Руското Царство (пред да биде продадена на САД во 1867 година). Овие мисионери извршиле големо влијание врз домородното население на Алјаска и беа заслужни за воведување на многумина во православната христијанска вера.
Во 1820-тите години, во Алјаска пристигнал и свештеникот Јован Вениаминов, кој исто така водел мисионерска дејност. Меѓу неговите многубројни постигнувања се вбројува и преводот на Светото Писмо и богослужбите на јазикот на домородците на Алјаска, за што тој создал и граматика и азбука. По смртта на својата сопруга, отец Јован се замонашува со името Инокентиј и околу 1840 година е избран за епископ. Подоцна се вратил во Русија, каде што бил назначен за Митрополит на Москва (а во 1977 година, тој бил прославен како светител од Руската Православна Црква).
Додека Црквата продолжила да расте на Алјаска, мноштво православни имигранти почнале да пристигнуваат во другите континентални држави на САД. Во 1860-тите, во Сан Франциско била основана парохија од Срби, Руси и Грци – денешната црква „Света Троица“. Постепено, биле основани и други слични парохии низ територијата на САД и, со големите имиграциски бранови од Централна и Источна Европа, Блискиот Исток и Јужна Европа кон крајот на 19 и почетокот на 20 век, седиштето на Северноамериканската православна епархија било префрлено првин во Сан Франциско, а потоа во Њујорк. До почетокот на 1900-тите, речиси сите православни заедници, без оглед на етничката припадност, биле обединети во една епархија под јурисдикција на Руската Православна Црква. Всушност, првиот епископ за православните американски Арапи, епископ Рафаил Хававини, бил и првиот православен христијанин ракоположен за епископ во Северна Америка. Тој и парохиите под негово раководство биле неразделен дел од Северноамериканската епархија. (Епископ Рафаил е канонизиран за светител во 2000 година од страна на Православната Црква во Америка.)
Во 1917 година во Русија избувнала Октомвриската револуција. Поради тоа, комуникацијата помеѓу Северноамериканската епархија и Црквата во Русија била многу отежната. Во почетокот на 1920-тите, Московскиот Патријарх Тихон, кој претходно десет години бил и епископ на Северноамериканската епархија, издал декрет со кој ги повикал епархиите надвор од границите на Русија (тогаш веќе Советскиот Сојуз) да се организираат автономно, сѐ додека не се воспостават нормални односи со Црквата во Русија. Наскоро потоа, на Собор со сите епископи, свештеници и делегати од парохиите, било одлучено дека Црквата во Северна Америка повеќе не може да ги одржува административните врски со Руската Црква, особено поради тоа што Патријархот Тихон бил уапсен. (Тој починал во 1925 година и е канонизиран како светител од Руската Православна Црква во 1989.)
Истовремено, различните етнички групи, кои биле дел од заедничката епархија, основале посебни епархии или јурисдикции и се ставиле под своите матични цркви. Така настанала денешната состојба на Православието во Северна Америка – со повеќе, преклопени јурисдикции според етничка припадност, наместо да се следи канонскиот принцип на една Црква во една географска територија.
Во раните 1960-ти, Православната Црква во Америка, чие официјално име тогаш било „Руска Православна Грко-Католичка Црква на Северна Америка“, започнала дијалог со Московската патријаршија со цел да се регулира нејзиниот статус. Во 1970 година, Митрополијата повторно воспоставила евхаристиско општење со Московската патријаршија, која потоа ѝ доделила томос за автокефалија. Истата година било одлучено Црквата да го добие името „Православна Црква во Америка“.
Денес, Православната Црква во Америка, покрај поранешните парохии, вклучува и: Романска православна епископија, Албанска православна архиепископија и Бугарска православна епархија. Дополнително, во изминатите две децении, таа основа над 220 нови парохии, речиси ниедна од нив не е на етничка основа, а богослужбите се на англиски јазик.
Според некои проценки, Православната Црква во Америка денес брои од 700.000 до 1 милион членови и претставува православна јурисдикција со најголем број парохии и верници во САД. Има и најголем број на манастири и на богословски образовни институции.
Православната Црква во Америка е полноправен член на „Собранието на канонски православни епископи на САД“, заедно со Грчката православна архиепископија на Америка при Цариградската Патријаршија, Антиохиската православна архиепископија на Северна Америка, Парохиите на Московската Патријаршија во САД, Руската Задгранична Православна Црква, Српската, Романската, Бугарската и Грузиската Православна Црква, а членка е и на други меѓуправославни црковни организации, меѓу кои и на Православниот христијански мисионерски центар.
Таа самостојно го избира својот Претстоител, без да бара потврда од некој надворешен црковен орган, и сама осветува миро. Нејзиниот претстоител има титула: Архиепископ Вашингтонски и Митрополит на цела Америка и Канада.
Православната Црква во Америка е признаена како канонска Црква од страна на сите помесни Православни Цркви и со сите има полно литургиско општење. Автокефалноста на Православната Црква во Америка ѝ ја признаваат: Руската Православна Црква (која ѝ го доделила Томосот), Бугарската Православна Црква, Грузиската Православна Црква, Полската Православна Црква и Православната Црква на Чешките земји и Словачка. Останатите Цркви ја сметаат како самостојна (автономна) во склоп на Руската Православна Црква.
