Во вториот дел од Божикното интервју кое Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Бачки г. Иринеј го даде за списанието „Печат“, број 872 од 16 јануари 2026 година, помеѓу останатото, зборуваше за академската теологија и за Коптската Црква. Во продолжение ги пренесуваме неговите зборови на овие две теми.
Повремено, до ушите на верниците и на оние што повнимателно ја следат работата на Црквата допираат поими како „академска теологија“ и „академски теолози“, кои, ако добро сме ги разбрале, пренесуваат мислење дека, во согласност со ова време, треба послободно да се сфаќаат некои црковни догми и соодветно да им се прилагодува богослужбената практика. Што мислите Вие за таа концепција и за таквата практика?
„Академската теологија“ и е и не е проблематична. Ако ја сфатиме формално или феноменолошки, како теологија застапена на црковните академски – високообразовни или универзитетски – студии, таа со самото тоа не добива ниту преодна ниту негативна оценка. Преодна, или пак лоша оценка, добива исклучиво врз основа на својата содржина, односно на својата автентичност. Поголемиот дел од големите свети Отци и Учители на Црквата биле, во своето време, учени питомци на највисоките просветни установи, и световни и црковни, а ни сите Христови апостоли и автори на новозаветните книги не биле необразовани галилејски рибари – меѓу нив ги наоѓаме и апостолот Павле и евангелистот Лука, образовани луѓе од хеленистичката епоха. Сите нив би можеле да ги сметаме за некаков вид „академски теолози“ на своето време. Не е поинаку ниту во поновите и најновите времиња – свети Марко Ефески, Никодим Светогорец и други, сè до XX век, што го красат имињата на свети Нектариј Егински (кој и формално бил професор на Ризариевата богословија во Атина), Филарет Московски, Иларион Троицки, Георгиј Флоровски, Владимир Лоски, српските светители: Јустин Ќелиски (Поповиќ), Николај Охридски и Жички, Иринеј Бачки (Ќириќ) и толку многу други, академски образувани и дејствителни луѓе.
Проблематична е, во самата суштина, таканаречената научна теологија која самата себе се претставува како теологија независна од Црквата, теологија на која не ѝ се потребни молитвата и богослужението, а во крајна линија ниту верата во Бога, Кој наводно треба и Самиот да се чувствува почестен што Неговиот „култ“ е предмет на нејзиното „објективно“ и „систематско“ истражување, чии резултати задолжително ќе бидат изложени во „научната“ и „јавната“ сфера. Од неодамна, за жал, и ние Србите сме „усреќени“ со појавата на таква теологија, поточно – антитеологија, па дури и ѓавологија. Таквата теологија, лажно наречена теологија, во нашево време никој не ја изложил толку успешно на критика и на потсмев како упокоениот голем руски и сесеправославен теолог, отец Александар Шмеман, во својот тритомeн дневник, издаден и во беспрекорен српски превод. Тој, меѓутоа, и ненамерно предизвикал извесна забуна со тоа што синтагмите научна теологија и академска теологија по правило ги користел како синоними. Навистина, факт е дека феноменот на „научната теологија“ најчесто се појавува во амбиентот на „академската теологија“, но со тоа нивното априорно поистоветување воопшто не е оправдано. Да се биде теолог на Црквата и академски теолог принципиелно не се исклучува едно со друго, додека да се биде теолог на Црквата и научен теолог во горенаведената смисла претставува оксиморон, бесмислица, contradictio in adiecto.
Во врска со оваа тема, на сите им препорачувам топло да ја прочитаат беседата на Неговата Светост нашиот Патријарх, изговорена при примањето на почесниот докторат на Московската духовна академија, како и текстот на свештеникот Слободан Лукиќ, кој му служи на Бога и на Родот на српското Приморје, под наслов „Дали ѝ е денес потребна Црквата на православната теологија?“, а и моите скромни излагања по повод јубилеите на свети ава Јустин Ќелиски, изговорени во текот на изминатата Господова година.
Мојот непосреден одговор на Вашето прашање гласи: не е можно „послободно сфаќање на црковната догма“, ниту пак аналогно „прилагодување на богослужбената практика“. Според мене, неопходно е совесно и одговорно сфаќање на црковната догма, како и прилагодување на сите нас кон богослужбената практика на нашата света Црква. Кажав и си ја спасив душата.
Меѓу поинтересните настани што се случија во изминатата година беше и посетата на поглаварот на монофизитската Коптска Црква, Патријархот на Столицата на Свети Марко и папа александриски Тавадрос II, кој на почетокот на мај беше во Белград како гостин на нашата држава. Го прими патријархот Порфириј, како и претставници на нашата влада. Тој присуствуваше и на литургија во храмот Свети Сава. На средбата на великодостојниците на двете Цркви, како што беше соопштено, се разговарало за положбата на христијаните во денешно време. Што можеа да дознаат едни од други претставниците на две Цркви што не живеат во канонско единство и дали се зборуваше за начините како тие две Цркви да се приближат?
Најнапред сакам да дадам кратко објаснување за името и титулата на високиот гостин, како и за основните податоци за неговата Црква. Името Тавадрос е, колку што можам да согледам, варијанта на грчкото име Теодорос; посрбено, тоа би гласело Теодор. Титулата „папа и патријарх“ е традиционална титула на александриските архиепископи, како на нашите, православни, така и на коптските. Во титулатурата на поглаварот на Римокатоличката Црква, покрај основната и изворна титула епископ на Рим, од дамнина стои и титулата патријарх на Западот, а со неговото име задолжително оди и именката папа, која потекнува од Истокот, од семитска средина. Папа значи исто што и поп – односно татко. Дека првобитно станува збор за ист збор, убаво се гледа од грчкиот изворник: пáпас е папа, а папáс е поп, односно свештеник (на Света Гора и јеромонах). Разликата е само во акцентот.
Еве и една шеговита приказна. Еден грчки владика строго критикува некој свештеник, но овој му возвраќа со непримерен тон. Тогаш владиката ќе рече: „Не можеш да ми одговараш со таков тон. Ти си поп, а не папа!“ (исе папáс, óхи пáпас). Во првите векови од христијанската историја, почесниот назив папа се користел доста слободно и широко, и тоа не само за угледни или омилени епископи, туку и за истакнати духовници, најчесто свештеномонаси, но до денес се задржал само за претстојателите на Римската Црква и на Александриска Патријаршија. Притоа, Римската Црква себеси се опишува и како „Петрова столица“, „Света столица“ и слично, а Александриска како „столица (трон, катедра) на апостол Марко“.
Инаку, самиот поим Копти значи, едноставно: Египќани. Коптите се, всушност, староседелци на Египет кои го прифатиле јазикот на арапските освојувачи (делумно задржувајќи го својот египетски или коптски јазик во богослужбената употреба), но не и нивната вера – исламот, останувајќи до денес христијани. Коптската Црква, всушност, е Црквата на Египет – духовно жива и силна, а со оглед на тринаесетвековниот живот под муслиманска власт, и релативно бројна (меѓу петнаесет и дваесет милиони верници). Таа е водечка Црква во семејството или заедницата на оние Источни Цркви што себеси се доживуваат како Православни Цркви, иако не ги признаваат сите седум вселенски собори што ги признава и почитува нашата Православна Црква, туку само првите три вселенски собори.
Затоа денес речиси никој веќе не ги означува како „монофизитски Цркви“, но сепак сите, на овој или оној начин, ги разликуваат од традиционалните („византиски“) Православни Цркви, нарекувајќи ги овие „источни“ (eastern), а нив „ориентални“ (oriental) Православни Цркви. Вообичаениот технички термин за нив денес е дохалкидонски Цркви или, нешто поретко, антихалкидонски Цркви. Така се наречени затоа што на Четвртиот вселенски собор, одржан во 451 година во Халкидон, во близина на Константинопол, на малоазиската страна (денес дел од Истанбул), не му го признале статусот на вселенски собор и од тогаш не се наоѓаат во литургиско и канонско општење со „халкидонските“ Цркви, меѓу кои, покрај Православните, ги вбројуваат и Римокатоличката и други.
До падот на источните провинции на Римското, односно Ромејското (Византиско) Царство под муслиманска арапска власт во VII век, православните или католиците (тогаш овие поими биле синоними) ги нарекувале, донекаде подбивно, мелхити, односно луѓе што ја исповедаат „царската вера“. Во рамките на нашиот разговор, разбирливо, не е можно да се прикаже природата и текот на старите догматски спорови околу Личноста Христова – дали Тој е само Бог или Личност што има една, божествена природа, и покрај историското јавување во образ на човек (монофизитизам), или пак Богочовек – една Личност што има две природи, божествена и човечка (халкидонска православна христологија).
Колку што ја познавам и разбирам оваа богословска проблематика, монофизитското учење во „чист облик“ и во V век, во жарот на христолошките спорови, го застапувала една екстремна струја меѓу противниците на Халкидонскиот собор, додека различни фракции застапувале нејасни, недоволно артикулирани и меѓусебно спротивставени христологии – не секогаш православни, но ниту сосема монофизитски. Така, на пример, некои биле подготвени да го прифатат догматскиот став дека Христос е Еден „од две природи“, но не и дека е Еден „во две природи“.
Покрај другите причини за недоразбирања и поводи за расправии, постоела и една сосема тривијална причина: освен Грците во етничка или културолошка смисла, мнозинството во Египет не можело да ги разбере финесите и нијансите на грчката теолошка терминологија, исто како што подоцна ниту мнозинството на Западот не можело да ги разбере во спорот околу додатокот Filioque во Символот на верата, каде што наспроти неколку грчки глаголи со изнијансирани значења стои само еден латински – procedere.
Не тврдам дека со помош на повеќегодишен богословски дијалог се надминати сите недоразбирања и дека нивната и нашата христологија се целосно исти, но тврдам, од лично искуство, дека современите Копти и другите дохалкидонци или антихалкидонци не се класични монофизити. Во свое време, кога блаженоупокоениот српски Патријарх Павле изврши официјална посета на Александриска Патријаршија, по неговата средба со православниот папа и патријарх Александриски беше организирана и официјална средба со коптскиот папа и патријарх Александриски. Во тоа време, таа должност ја извршуваше светски познатиот папа Шенуда III. Имав чест и благослов во таа пригода да бидам во придружбата на нашиот Патријарх. Се сеќавам, како да беше вчера, на текот на таа средба. Шенуда, како домаќин, на нашиот Патријарх му упати ваков поздрав на добредојде: „Ваша Светост, Ве поздравувам во името на нашиот Единствен и Единствен Спасител, Господ Исус Христос, совршен во Своето Божество и совршен во Своето човештво“ (perfect in His divinity and perfect in His humanity). Ова не беше куртоазен поздрав, туку исповедање на верата со кое Шенуда сакаше да порача: ние сме од иста вера! Богословскиот дијалог треба да продолжи, но достигнатото ниво не смее да се занемари. Во суштина, „дохалкидонските“ Цркви ни се најблиски – поблиски и од Римокатоличката Црква.
На крајот, еве ги ветените основни податоци за Александриска Црква. Градот Александрија, наречен по Александар Велики, е основан во 332/331 година пред Христа, спроти островот Фарос, на брегот на Средоземното Море, со две пристаништа. Птолемеј I Сотир ја прогласува за престолнина на Египет, а Римјаните ја освојуваат во 30 година пред Христа. Александрија, како чисто грчки град, станува не само голем трговски и економски центар на Империјата, туку и значајно културно средиште. Во неа се развива философијата – најнапред неопитагорејството, а потоа неоплатонизмот (основач Амониј Сака, околу 200 година по Христа; најзначаен претставник Плотин, 204–269 година по Христа), кој цвета сè до 529 година, кога цар Јустинијан со свој декрет го забранува секое понатамошно занимавање со философијата.
Во Александрија постоела моќна и бројна еврејска заедница, во чии рамки дејствувало и духовно движење што се стремело кон синтеза меѓу јудаизмот и грчката философија, а негов главен претставник бил Филон Александриски (25 година пред Христа – 50 година по Христа). Главниот плод на александриското јудејство бил преводот на Стариот Завет од еврејски на грчки јазик, познат како „Преводот на Седумдесеттемина“ (Septuaginta).
Основач на Александриска Црква бил светиот апостол и евангелист Марко (†63 година по Христа), а во Новиот Завет се спомнува и „еден Јудеец по име Аполос, родум од Александрија“ (Дела апостолски 18, 24, како и во некои Посланија) – апостол од поширокиот апостолски круг, односно од бројот на седумдесеттемина апостоли. Нејзин прв гонител бил цар Септимиј Север (од 202 година по Христа па натаму), а големите прогони следувале во третиот век, за време на Декиј и неговите наследници, и траеле, со прекини, сè до времето на Диоклецијан и Галериј, односно до 305 година по Христа. Со иронија на историјата, веќе во истиот век, цар Теодосиј Велики наредил прогон на паганите и уништување на нивните храмови и идоли.
Египет, во христијанската вселена, со векови бил славен по процутот на монаштвото и монашката литература (Лествица, Лавсаик, Изреки на Отците, Житието на Антониј Велики и други списи и денес се омилено духовно четиво во манастирите на Истокот и Западот), како и по толкувањето на Светото Писмо (Александриската катихетска школа) и развојот на теолошката мисла (александриските Отци: Климент, Атанасиј, Кирил и други). Но, истовремено бил и неславен поради ширењето на еретичките учења (гностицизам, савелијанство, аријанство, монофизитство, монотелитство, а делумно и оригенизам) и по апокрифната литература.
На крајот треба да се нагласи дека, на ранг-листата на Црквите според почесните „преимуштества“ и „првенства“, Александриска Црква заземала високо второ место, веднаш по Римската, сè до 381 година, кога Вториот вселенски собор тоа место ѝ го доделил на Црквата на Константинопол, односно Новиот Рим, како нова престолнина на Римската Империја.
За разговорот меѓу Неговата Светост нашиот Патријарх и неговиот соговорник, блаженејшиот патријарх Тавадрос, не можам да Ви кажам ништо особено, бидејќи не бев присутен на таа средба. Она што го знам е дека главната тема било страдањето и мачеништвото на христијаните на Блискиот и Средниот Исток во нашите денови, во перспектива на молитвена сострадална љубов кон нив, морална поддршка и секаков вид помош.
